Спикерот и вицепремиерот тврдат дека се преговара за Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ демантираат
Иако Гаши и Сали уверуваат дека по промената во Министерството за правда има „напори за законско решение“, најголемите партии од власта и опозицијата се децидни – нема ниту средби, ниту контакти.
Иако претседателот на Собранието, Африм Гаши, и првиот вицепремиер, Беким Сали, во изминатите два дена ја уверуваа јавноста дека партиските преговори за новиот Изборниот законик се активни, реалноста на терен е сосема поинаква. Двете најголеми политички партии во државата – владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ – за весникот „Вечер“ децидно демантираат дека во моментов се одвиваат какви било меѓупартиски контакти или преговори на оваа тема.
Ваквиот развој на настаните доаѓа по изјавата на вицепремиерот Беким Сали, кој нагласи дека по кадровската смена во Министерството за правда се прават нови напори за прифаќање на законот, кој претходно беше блокиран поради повлекувањето на две опозициски партии во последен момент.
Претходно и собранискиот спикер Африм Гаши информираше дека на редовната координација го отворил прашањето за продолжување на работата на собраниската работна група за Изборниот законик, доколку кај партиите постои политичка подготвеност за тоа.
ВМРО-ДПМНЕ: Ставот е ист – опозицијата прво да се договори меѓу себе
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека нови разговори или иницијативи за излез од ќор-сокакот воопшто не се на повидок.
„Нема никакви контакти или, пак, иницијативи за тоа. Состојбата е статус-кво. Нашиот партиски став останува непроменет: опозициските партии прво треба меѓусебно да се договорат и да усогласат заедничка позиција, па дури потоа ние како владејачко мнозинство да преговараме со нив“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот став е во целосна согласност со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцираше дека ја чека здружената опозиција (СДСМ, Левица и ДУИ) да излезе со единствен став за да можат да седнат на преговарачка маса.
Спасовски за „Вечер“: Нема ниту средби, ниту покани
Идентичен демант пристигна и од таборот на опозицијата. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, потврди дека тврдењата на Гаши и Сали за некакви тековни преговори не соодветствуваат со вистината.
„Нема апсолутно никакви контакти. Нема ниту одржани средби, ниту испратени покани или најави за евентуални разговори во Собранието“, изјави Спасовски за весникот „Вечер“.
Зошто е блокиран Изборниот законик?
Донесувањето на новите изборни правила е во целосна блокада во законодавниот дом, откако СДСМ и Левица поднесоа дури 13.500 амандмани со цел да го спречат усвојувањето на предложеното решение.
За СДСМ клучна и неприфатлива точка е предлогот за воведување електронско гласање на дијаспората, за кое сметаат дека нема соодветни заштитни механизми против злоупотреби. Дополнително, опозицијата реагира и на промените во начинот на означување на гласачкото ливче и ограничувањето на правото за поднесување приговори само доколку неправилностите се претходно внесени во официјалните записници.
Од друга страна, владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и партијата „Вреди“ не отстапува од овој предлог. Премиерот Мицкоски претходно порача дека се подготвени да прифатат секакви забелешки од опозицијата, но под услов електронското гласање за иселениците да остане како задолжителна можност во новиот закон.