Камионски протест пред Делегацијата на ЕУ: Македонските превозници бараат спас од шенгенските ограничувања, најавени блокади на границите на 14 септември

2

Транспортната асоцијација „Макам-транс“ денеска од 12:00 до 14:00 часот организира предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Превозниците бараат итно институционално решение за статусот на професионалните возачи во Шенген-зоната, чија егзистенција и работа се сериозно загрозени од стриктната примена на правилото „90/180 дена“, според кое државјаните на земји надвор од ЕУ смеат да престојуваат во Унијата најмногу три месеци во период од половина година.

Регионален притисок во пресрет на состанокот во Брисел

Пред претставништвото на ЕУ во Скопје ќе бидат паркирани дваесетина товарни возила, во присуство на сопственици на транспортни компании и возачи од целата република. Протестот има регионален карактер – истовремено со македонските превозници, на улиците излегуваат и нивните колеги од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Генералниот секретар на „Макам-транс“, Билјана Муратовска, посочува дека ова е последно предупредување пред утрешниот клучен состанок на Работната група на земјите од Шенген во Брисел.

Според проценките, со овој проблем се соочуваат околу 17.000 македонски професионални возачи и над 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Околу 50 отсто од возачите веќе одбиваат да возат на европските рути поради ризик од високи парични казни и депортации на граничните премини.

Николоски: Владата го решава проблемот преку билатерални договори

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека Владата има целосно разбирање за тешката положба на транспортерите и интензивно работи на склучување поединечни билатерални спогодби со земјите-членки на Шенген за да се обезбеди непречено движење по најфреквентните транспортни коридори.

„Правилата во Шенген-зоната се сложени, но она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме директни билатерални договори. Досега имаме договори со Швајцарија, Хрватска и Романија. Во септември имаме најавена средба на високо ниво со австриската Влада, во октомври со словенечката Влада, а паралелно водиме разговори и со Германија со цел целосно да ги покриеме главните рути на нашите превозници“, нагласи Николоски.

Транспортерите се надеваат дека утрешниот ден во Брисел ќе донесе позитивен исход, предупредувајќи дека евентуалниот колапс на патниот товарен сообраќај на 14 септември ќе предизвика огромни економски штети како за регионот, така и за европската економија.