ЛДП бара кривична одговорност и оставки во Владата за величењето на Ратко Младиќ: „Нема европски вредности со славење на геноцид“

6

Либерално-демократската партија (ЛДП) упати остра осуда за секој обид за рехабилитација и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото. Од партијата нагласуваат дека за вакви судски докажани трагедии не постои простор за „различно толкување на историјата“ и побараа итна реакција од премиерот и истражните органи.

Повик за политичка одговорност и разрешувања во Владата

Од ЛДП сметаат дека е крајно недозволиво и скандалозно ваквото однесување да доаѓа од високи владини функционери.

„Бараме Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапките на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, и веднаш да покрене постапка за нивна политичка одговорност. Не може Македонија пред Брисел декларативно да се повикува на европските вредности, додека дома власта молчи кога нејзини членови отворено величаат осуден за геноцид“, се наведува во соопштението.

Обвинителството и МВР да постапат по Член 407-а од Кривичниот законик

Партијата потенцира дека случајот мора да добие и правна разрешница, повикувајќи се на членот 407-а од Кривичниот законик, кој предвидува затворски казни за јавно одобрување, оправдување или минимизирање на геноцид и воени злосторства преку информатички системи.

„Бараме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство по службена должност да ги проверат сите спорни објави и изјави. Доколку се утврдат законски прекршувања, правдата мора да се спроведе без селективност – државната функција не смее да биде штит од кривичен прогон“, децидни се од ЛДП.

Итна законска забрана за именување улици и здруженија по воени злосторници

ЛДП предлага итно усвојување на строга законска рамка со која целосно ќе се забрани јавното промовирање на лица осудени за воени злосторства, како и на фашистички, нацистички и тоталитарни идеологии. Оваа забрана, според нив, мора строго да се примени при регистрација на здруженија, фондации, како и при именување на улици, плоштади, установи и јавни манифестации.

Паралелно со ова, партијата бара образовниот систем да биде прва линија на одбрана од историскиот ревизионизам, каде геноцидот и злосторствата ќе се изучуваат исклучиво врз основа на меѓународно утврдени судски факти.

„Европска држава се гради со дела и почит кон жртвите, а не со празни пароли. Осудата на геноцидот е цивилизациска црвена линија преку која не смее да се помине со молк“, заклучуваат од ЛДП.