СДСМ со остри обвинувања: Мицкоски му врти грб на евроинтегративниот пат и ја води државата во изолација
Опозициската СДСМ преку официјално соопштение упати сериозни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека неговата влада свесно го блокира европскиот пат на државата и ја води земјата кон целосна меѓународна изолација. Според СДСМ, изјавите на Мицкоски дека тој „разговара“, а не „преговара“ со Европската Унија, се само параван за неуспехот на неговите дипломатски капацитети.
„Скривање зад лажни ветувања и недовршени реформи“
Од опозициската партија посочуваат дека по серијата ветувања во предизборието, сега на јавноста и станува јасно дека не постојат алтернативни преговарачки рамки ниту, пак, некакви гаранции за „половично“ членство во ЕУ.
„Власта се обидува да протурка нова теза дека ЕУ не ни е потребна бидејќи наводно премногу сме дале, а ништо не сме добиле. Со оваа реторика, Мицкоски свесно ја дефокусира јавноста од фактот дека не ги заврши реформите што ги вети уште во јуни, и покрај пролонгирањето што го доби минатата година“, реагираат од СДСМ.
Компатибилност на партнерството со САД и ЕУ
СДСМ остро реагира на обидите на премиерот да го претстави стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави како замена или алтернатива за евроинтеграциите.
„Членството во ЕУ и стратешкото партнерство со Америка меѓусебно не се исклучуваат, туку напротив – се надополнуваат и создаваат синергија во интерес на Македонија, регионот и европската безбедност. Напуштањето на европскиот пат неизбежно ќе се одрази негативно и врз односите со САД. Нашата иднина е во ЕУ, во цврсто сојузништво со Вашингтон“, потенцираат од партијата.
На крајот од соопштението, опозицијата го поврзува одбегнувањето на европските процеси со страв од воведување на построги правни контроли во државата.
„На сите денес им е јасно дека вистинската причина за ваквото однесување и блокади е големиот страв на Мицкоски од воспоставувањето на независното европско обвинителство во земјава“, се заклучува во реакцијата на СДСМ.