Зајкова со жесток напад кон локалната власт: Доста со бетонизација и смет, итно да се изгласа законот за отповикување на градоначалниците
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, упати остра критика за состојбите во македонските општини, обвинувајќи ги градоначалниците за неспособност, прекумерна бетонизација и тотален комунален хаос. Зајкова побара итно ставање во собраниска процедура на измените на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се овозможи предвремено отповикување на градоначалниците кои не ги исполнуваат своите обврски.
Бетонизација без план и евтин пи-ар наместо решенија
Лидерката на ЛДП посочува дека главниот фокус на локалните власти е сведен само на издавање градежни дозволи, додека основните потреби на граѓаните целосно се игнорираат.
„Навистина е доста! Не може единствен успех на градоначалниците да им биде бројот на издадени одобренија за градба, додека градовите се гушат во бетон, ѓубре, прашина и хаос. Таму каде што вчера имало една куќа, денес никнуваат згради со десетици станови, а комуналната инфраструктура останува иста. Срамно е реконструкција на 50 метри улица да трае две години, граѓаните со месеци да голтаат прашина, да си ги уништуваат возилата и да остануваат без јавен превоз. Доста е и со евтин ПР за секоја закрпена дупка – тоа не е подарок, туку ваша основна работна обврска за која сте платени од парите на народот“, реагира Зајкова.
Комунална катастрофа и ризик од зарази
Таа се осврна и на алармантните состојби со хигиената и основните ресурси низ државата, посочувајќи ги Скопје и Гостивар како драстични примери за институционално потфрлање.
„Во Гостивар граѓаните со недели се соочуваат со фекално загадена вода, во Скопје се гушиме во преполни контејнери и неисчистен смет, а со ваквата нехигиена директно се отвора простор за зарази и епидемии. Ова повеќе не е прашање на тромава администрација, ова е безобразие“, истакнува претседателката на ЛДП.
Повик до партиите: 2/3 мнозинство за отповикување градоначалници и комунална полиција
Зајкова ги повика четирите најголеми парламентарни партии да покажат иста ефикасност за потребите на граѓаните како што покажаа при партиските договори за Изборниот законик.
„Како што можевте експресно да се договорите за укинување на отворените листи и за формирање на партиски аналитички центри на сметка на граѓаните, така сега седнете и обезбедете двотретинско мнозинство за Предлог-законот за локална самоуправа кој со месеци стои во фиока. Мора да донесеме механизам за отповикување на градоначалниците и конечно да се усвои Законот за комунална полиција. Доколку некој не си ја врши работата, граѓаните не смеат да бидат осудени да го трпат цели четири години“, порачува Зајкова.
Таа заклучува дека на граѓаните не им се потребни прес-конференции за да ги убедуваат дека живеат добро, туку чисти улици, безбедна вода за пиење, капацитети во градинките и училиштата и нормални услови за достоинствен живот.