Филипче: Власта гради медиумска машинерија со српски и унгарски структури за претстојните избори
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска упати сериозни обвинувања кон актуелната власт, тврдејќи дека во тек е интензивна подготовка на агресивна медиумска пропаганда пред следните избори, преку купување домашни медиуми и влез на влијателни медиумски структури од Србија.
„Влез на тешката српска медиумска артилерија“
Според Филипче, медиумскиот простор во земјава веќе е во голема мера под контрола на надворешни политички центри, а овој процес сега добива нова, уште посилна димензија.
„Во оваа ситуација кога очигледно се подготвуваат за избори, без оглед дали ќе бидат предвремени или не, покрај медиумите што власта веќе ги контролира – односно околу 40 отсто од вкупниот број кои се под контрола на структури блиски до Орбан – сега се подготвува да влезе и тешката српска пропагандна артилерија предводена од Ало Медиа“, изјави Филипче.
Тој посочи дека како дел од оваа стратегија се купуваат телевизии и се реактивираат познати медиумски личности од минатото.
„Купуваат медиуми и телевизии, „Еуроњуз“ е веќе присутен тука. Уредници се добро познатите Латас и Ивона, луѓе кои во минатото соработуваа со Никола Груевски и кои се соработници на српските служби, работејќи директно спротивно на националните интереси на државата“, нагласи лидерот на СДСМ.
„Македонија станува слепо црево под влијание на српскиот свет“
Филипче го поврза медиумскиот инженеринг со геополитичкиот курс на земјата, алармирајќи дека државата е во тотален застој на патот кон Европската Унија, додека соседите како Албанија и Црна Гора брзо напредуваат.
„За европската иднина повеќе никој не зборува. Останавме слепо црево на Балканот и на Европа. Оваа власт е антиевропска и свесно нè држи во изолација под влијание на проектот ‘српски свет’. Тоа не го тврдиме само ние, туку и меѓународните претставници и Европа јасно детектираат дека тука доминира таквото влијание“, порача претседателот на СДСМ.