Закани за регионална ескалација: Насим Харадинај предупреди дека „ќе горат Косово, Албанија и Македонија“ ако Хаг ги осуди водачите на ОВК
Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Насим Харадинај, упати сериозни и вознемирувачки предупредувања за можно нарушување на регионалната безбедност, во пресрет на најавената пресуда на Специјалниот суд во Хаг за поранешното раководство на организацијата, закажана за 16 септември.
Гостувајќи на косовската телевизија „Т7“, како што пренесува медиумот „Зери“, Харадинај порача дека евентуалните затворски казни за Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи ќе предизвикаат силен револт кај целата албанска заедница на Балканот.
„Доколку Специјалниот суд донесе осудителна одлука, Косово, Албанија и Македонија ќе горат во пламен. Реакцијата на албанското население ќе биде жестока на секоја затворска казна за водачите на ОВК“, изјави Харадинај.
Тој упати директен апел и до судскиот совет во Хаг, нагласувајќи дека институцијата не смее да носи одлуки што можат целосно да ја поткопаат стабилноста во регионот. Според него, таквиот судски епилог драстично ќе ги промени состојбите на терен и ќе отвори пат кон неконтролиран хаос.
Харадинај воедно испрати порака и до поединците и политичките опоненти за кои тврди дека имаат намера да ја прослават евентуалната осудителна пресуда, предупредувајќи ги дека „тие што планираат да празнуваат, самите ќе изгорат во тој оган“.
Судскиот процес во Хаг против четворицата поранешни високи претставници на ОВК се наоѓа во завршна фаза, а претстојната одлука на судот се очекува со висок степен на политичка и безбедносна тензија во целиот регион.