Политички „земјотрес“ поради македонското знаме: СДСМ обвинува за понижување на државните симболи, ВМРО-ДПМНЕ вели дека е уметничка инсталација

8

Почетната прослава на 35-годишнината од независноста на Македонија и музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“ во Охрид станаа повод за жестока политичка пресметка меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во фокусот на судирот е визуелниот приказ на македонското знаме за време на настанот, кој опозицијата го смета за недопустлива грешка, додека власта го брани како уметничка слобода.

СДСМ: „Тендер патриотите“ го згрешија државното знаме

Од опозициската СДСМ упатија остри критики до Владата на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека употребата на визуелно изменето државно знаме претставува срам и понижување за граѓаните.

„На официјална државна прослава, платена со огромни суми народни пари, власта на Мицкоски го „утна“ македонското знаме. Срамно и понижувачки. „Тендер патриотите“ го покажаа своето вистинско лице“, реагираат од СДСМ.

Опозицијата побара итни одговори од Владата: Која компанија била ангажирана за организација и сценографија, колку буџетски средства се потрошени за спектаклот и кој ќе поднесе одговорност за, како што велат, сквернавењето на визуелниот идентитет на државата.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ намерно го оцрнува националното единство

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ експресно одговори на обвинувањата, појаснувајќи дека не станува збор за официјално знаме туку за креативно решение. Според партијата, спорниот визуелен елемент бил уметничка инсталација во која сонцето со повеќе краци симболично се претопува во македонското државно знаме со осум зраци.

„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација. Венко Филипче и неговата партија намерно се обидуваат да оцрнат настан кој беше позитивно прифатен од илјадници граѓани и ја обедини државата“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со обвинувања дека СДСМ е последната партија која треба да зборува за достоинството и националните симболи, потсетувајќи на нивните минати политики околу уставните измени и историските договори. Според владејачката партија, манифестацијата „Силно светнал ден“ била достоинствено одбележување на независноста и потврда за напредокот на Македонија.

Иако спектаклот во Охрид привлече бројна публика, визуелниот приказ на националните симболи продолжува да ја бранува јавноста и да отвора прашања за границите меѓу уметничката стилизација и државниот протокол.

Македонски