„ЗЕЛЕНА НАРОДНА СТРАЖА“ АЛАРМИРА: Дошница е повторно на удар на „хидро-мафијата“, се најавуваат нови блокади

8

Организацијата за заштита на животната средина „Зелена Народна Стража“ упати остар протест до јавноста и Владата, обвинувајќи за нов обид за изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница на планината Кожуф. Еко-активистите предупредуваат дека и покрај претходниот 70-дневен отпор на граѓаните, повторно се прави обид да се уништи еден од најчистите речни екосистеми во државата.

Од организацијата нагласуваат дека малите хидроцентрали носат непоправлива штета за природата – ги пресушуваат речните корита и го истребуваат живиот свет, додека економскиот бенефит за заедницата е непостоечки.

Зошто Кожуф не е национален парк?

Главниот фокус на реакцијата е насочен кон институционалниот молк и одложувањето на законската заштита на овој регион.

„Главното прашање е: Зошто Кожуф сè уште не е прогласен за национален парк? Дали некој намерно го кочи овој процес за да може на брз и безобразен начин да си ги полни џебовите преку т.н. „еко“ проекти? Владата и неколку поединци решиле да ја продадат природата која не е нивна, заборавајќи дека примарниот интерес мора да биде животот на луѓето и заштитата на околината“, велат од „Зелена Народна Стража“.

Се најавува нов бран на граѓански отпор

Активистите потсетуваат дека еднаш веќе успеаја со блокади да ја одбранат реката и најавуваат дека се подготвени повторно да излезат на терен. Според нив, волјата на народот е јасна – хидроцентрали на Дошница не смее да има.

„Луѓе од цела Македонија стоеја сложно и ја одбранија реката еднаш. Ќе ја одбраниме пак! Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат. Се гледаме на блокада!“, порачуваат од организацијата.

Овој случај повторно ја отвора дебатата за енергетските политики на државата и за тоа дали изградбата на мали хидроцентрали е оправдана жртва на сметка на трајното уништување на природните реткости.

Македонски