ПЕТРОВСКА АЛАРМИРА: „Скопје 2028“ е нов рецепт за трошење на 21 милион евра без тендери и контрола

4

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, упати остри критики до актуелната власт во врска со Предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Според неа, овој законски текст, кој се турка по скратена постапка, е обид за легализирање на нетранспарентно трошење на неверојатни 21 милион евра народни пари.

Петровска повлече директна паралела со контроверзниот проект „Скопје 2014“, нагласувајќи дека наместо државата да научи од минатите грешки и истраги, сега се предлага уште поопасен модел на работење.

„Иста структура ќе ги има парите, договорите и контролата“

Клучниот проблем, според пратеничката, лежи во одредбата со која идната Фондација „Скопје 2028“ се иззема од обврската да го почитува Законот за јавни набавки. Ова би значело дека менаџментот на Фондацијата сам ќе си носи правила за трошење, сам ќе избира фирми и сам ќе одлучува по евентуалните жалби.

„По „Скопје 2014“ на Никола Груевски, сега ни го подготвуваат „Скопје 2028“ – нова година, ист стар рецепт. Очигледно, поуката за оваа власт не е поголема транспарентност, туку „усовршување“ на коруптивниот модел – ако законот за набавки им пречи, тие едноставно го тргаат“, истакнува Петровска.

Повик за итно повлекување на законот

Иако Петровска потенцира дека титулата Европска престолнина на културата е огромна шанса за македонските уметници и за градот, таа предупредува дека достоинството на проектот не смее да биде извалкано со сомнежи за криминал.

„Проектот е значаен, но токму затоа бара максимална отчетност. Зошто се избегнуваат јавните тендери? Зошто се бега од независна контрола? Предлог-законот мора веднаш да биде повлечен. Секој пратеник кој ќе крене рака за ова решение, презема директна политичка одговорност за елиминирање на контролата врз 21 милион евра јавни средства“, децидна е пратеничката.

Својата реакција таа ја заокружи со пораката: „Европска престолнина на културата – да. Европска престолнина на набавките без тендер – не!“.

Македонски