БАЛКОСКИ: Владата да одговори – дали ќе ги држи младите во децениска чекална или ќе отстапи место за европски напредок?

31

Поранешниот министер и генерален секретар на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски, упати јавно прашање до реконструираниот владин кабинет за стратегијата околу евроинтеграциите. Тој предупредува дека секое натамошно одложување на преговорите со ЕУ значи директно поттикнување на иселувањето и трајно губење на новите генерации.

Балкоски смета дека реконструираната Влада се наоѓа во критичен период во кој мора суштински да одговори на предизвиците кои надоаѓаат. Според него, мандатот на актуелниот состав може да биде скратен токму поради евентуалната немоќ на институциите да го деблокираат европскиот пат.

Тој јасно ги дефинира двете сценарија пред кои е исправена државата:

1. Децениска стагнација и егзодус на млади семејства
Балкоски прашува дали планот на Владата е „маратонско чекање“ со децении до евентуално продолжување на преговорите. Тој алармира дека додека земјава „трпи“ во изолација, младите масовно заминуваат, нивните деца добиваат туѓи државјанства и го губат идентитетскиот спој со татковината.

2. Рестарт на процесот преку нови избори
Како втора и подобра алтернатива за младите генерации, Љупчо Балкоски го предлага моделот на итна деблокада. Според него, доколку актуелната Влада нема капацитет, треба да си поднесе оставка. На нови избори, нова Влада би ги продолжила преговорите со засилена динамика, со цел Македонија да влезе во Европската Унија во ист пакет со Црна Гора и Албанија.

„Само на ваков начин Македонија ќе биде респектибилен фактор во ЕУ. Тоа е единствениот пат државата реално да се погрижи за личниот напредок на своите граѓани и да обезбеди иднина за нашето мултикултурно општество“, дециден е генералниот секретар на ВМРО-Народна партија.

Балкоски заклучува дека на Македонија и е потребен итен акционен план кој ќе ја извади земјата од слепата улица и ќе понуди конкретна перспектива за младите да напредуваат дома, наместо својата иднина да ја градат надвор од границите.

Македонски