СОБРАНИЕТО ЈА ИЗГЛАСА ВЛАДИНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Избрани осум „нови“ министри во тимот на Мицкоски

5

Со 69 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан, Собранието на денешната 112. седница го официјализираше новиот состав на извршната власт. Осум нови министерски имиња влегуваат во Кабинетот на Христијан Мицкоски, заземајќи ги клучните ресори во рамки на првата голема реконструкција по две години владеење.

Парламентарното мнозинство денеска даде зелено светло за кадровските освежувања кои, според премиерот, треба да ја забрзаат реализацијата на реформите и да ја зголемат ефикасноста на министерствата.

Нови кадри во стратешките ресори

Министерството за здравство отсега ќе го предводи Сашо Клековски, кој на оваа функција доаѓа како досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување. Клековски е лекар со долгогодишно искуство во креирање стратегии и јакнење на институциите.

Ресорот правда му е доверен на универзитетскиот професор и експерт по уставно право, Јетон Шасивари, кој воедно е и член на Венецијанската комисија. Промени има и во Министерството за земјоделство, каде за нов министер е избран досегашниот државен секретар, Борче Серафимовски.

Министерството за социјална политика, демографија и млади го презема Ѓоко Велковски, искусен економист кој претходно беше дел од техничката влада и заменик-министер во истиот ресор.

Ротации и зајакнување на односите меѓу заедниците

Кадровскиот мозаик вклучува и неколку ротации. Иван Стоилковиќ, по две децении во Собранието и мандат во Министерството за политички систем, отсега ќе раководи со Министерството за локална самоуправа. Неговата претходна позиција како министер за односи меѓу заедниците ја презема Агон Ферати, докажан експерт за европски проекти.

Министерството за култура и туризам ќе го води Седат Сулејмани, кој претходно ја извршуваше функцијата заменик-министер во овој ресор. За министер без ресор е избран Ерџан Демир, кој ќе биде задолжен за интеграција на Ромите и немнозинските заедници.

Финализирање на „Мицкоски 2.0“

Со денешното гласање, Владата го заокружува својот нов формат. Премиерот Мицкоски истакна дека изборот на овие кадри е заснован на нивната стручност и капацитет да одговорат на предизвиците во втората половина од мандатот. Новите министри веднаш по изборот дадоа свечена изјава пред пратениците и официјално стапија на должност.

Македонски