Осомничен за трговија со дрога избега низ прозорец од полициска станица, распишана меѓународна потерница
Македонската полиција трага по 41-годишниот Александар Лазаров од Кочани, кој успеа да побегне од притворската просторија во полициската станица додека чекаше процесуирање за недозволена трговија со дрога. Инцидентот предизвика бура во јавноста, меѓусебни политички обвинувања и најава за „чистка“ на полициските структури во регионот.
Случајот започна на 9 јули, кога во близина на виничкото село Истибања, полицијата ги лиши од слобода Лазаров и уште едно лице (25). При претрес на нивното возило „субару“ била пронајдена бела прашкаста материја. Меѓутоа, само еден ден подоцна, додека бил под полициски надзор во ПС Кочани, Лазаров успеал да отвори прозорец од просторијата каде што бил задржан и да побегне во непознат правец.
БЈБ: „Локални шерифи нема да постојат“
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, веднаш го посети Кочани, оценувајќи го настанот како сериозен инцидент кој ја нарушува довербата во службата. Тој најави ригорозни контроли и санкции за сите полициски службеници кои евентуално му помогнале на бегалецот.
„Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Локални шерифи нема да постојат. Доколку се утврди намерно постапување, помагање или несовесно извршување на задачите, ќе има одговорност. Внатрешната контрола веќе постапува и нема да биде поштеден никој кој свесно или несвесно дозволил нарушување на процедурите“, дециден е Јанев.
Поради сомнеж дека Лазаров веќе ја напуштил државата, МВР официјално распиша меѓународна потерница по него.
СДСМ: „Сценарио на ВМРО – му отворија прозорец и му ја кренаа рампата“
Опозицискиот СДСМ реагираше експресно, квалификувајќи го бегството како организиран театар на власта. Од партијата тврдат дека Лазаров е близок до структури на ВМРО-ДПМНЕ и бараат итна оставка од министерот Панче Тошковски.
„На наркодилерот познат како Цуната завчера му отворија прозорец во станица, а денеска му ја кренаа рампата на граница за да избега. Ова е веќе видено сценарио за заштита на криминалците блиски до власта. Панче Тошковски мора да си поднесе оставка бидејќи под негово раководство дилери намерно се пуштаат на слобода“, стои во партиското соопштение на СДСМ.
Од опозицијата додаваат дека овој „безбедносен дебакл“ само ја потврдува спрегата на државните институции со криминалното подземје.
Истрагата продолжува
Додека трае потрагата по Лазаров, Внатрешната контрола на МВР врши детална проверка на сите службени лица кои биле на дежурство во кобната вечер. Се испитува дали станува збор за недоволна будност или за системско овозможување на бегството на лице кое веќе е барано со потерница од Основниот суд во Кочани.