ОДБОЈКАРСКА ГОРДОСТ НА ТЕТОВО: Младите одбојкарки на „Топ Спорт“ патуваат во Сплит како претставници на Македонија
По извонредниот успех и освоеното прво место на државното финале на „Плазма спортските игри за млади“, одбојкарскиот клуб „Топ Спорт“ од Тетово ја обезбеди својата карта за меѓународната сцена. Младите тетовски одбојкарки ќе ја претставуваат Македонија на претстојниот голем меѓународен турнир во Сплит, Хрватска.
Овој успех е плод на макотрпна работа и силен тимски дух, а за клубот ова ќе биде прво учество на натпревар од ваков ранг. Тренерот Далибор Спасовски не го крие задоволството од остварениот резултат, кој за него има и лична нота.
„Како тренер, ова е голема чест и награда за целиот вложен труд. Но, радоста е уште поголема затоа што дел од оваа прекрасна екипа е и мојата ќерка. Да ја гледаш како расте, се бори и ги остварува своите спортски соништа заедно со соиграчките е чувство што тешко се опишува со зборови“, изјави Спасовски.
Тој упати и јавно признание до главниот стратег на тимот, Милан Ристовски, потенцирајќи дека неговата стручност и секојдневна посветеност се клучниот фактор за шампионската титула. „Ваквите резултати не доаѓаат случајно – тие се создаваат со многу работа, трпение и љубов кон одбојката“, додава тој.
Екипата на „Топ Спорт“ во Сплит ќе ги одмери силите со врснички од целиот регион. Ова меѓународно искуство е огромна можност за младите спортистки, а тетовската јавност со нетрпение очекува достоинствено претставување на градот и на македонската одбојка на хрватското приморје.