ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ВЛЕГУВА ВО ПОЛИТИЧКА БЛОКАДА: Спорот за електронското гласање на дијаспората го кочи договорот

14

Власта се обидува да избегне амандманска блокада на измените на Изборниот законик, но засега без поголем успех. По две затворени средби меѓу координаторите на пратеничките групи, останува отворен клучниот спор околу електронското гласање на дијаспората, поради што СДСМ најавува филибастеринг со илјадници амандмани.

Измените на Изборниот законик влегуваат во неизвесна собраниска фаза, откако опозицискиот СДСМ најави блокада преку масовно поднесување амандмани. Според информации од политичките кругови, досега се одржале две координациски средби зад затворени врати, а нов состанок е закажан за утре.

Главен камен на сопнување е предлогот гласањето на македонската дијаспора да се организира по електронски пат. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ не отстапуваат од ова решение, додека СДСМ тврди дека не се прецизирани доволно механизмите за спречување злоупотреби и за сигурна идентификација на гласачите.

Според опозицијата, иако е предвидено Државната изборна комисија (ДИК) да го инсталира и контролира системот, останува нејасно како ќе се утврди дали пред уредот навистина се наоѓа пријавениот избирач и дали врз него има надворешно влијание. Слична резерва има и ЛДП, од каде сметаат дека ако се воведува електронско гласање, тоа не треба да важи само за дијаспората, бидејќи во спротивно се создава нееднаков третман на избирачите.

Што предвидуваат измените?

Предлог-измените се содржани во 50 члена и, според дел од политичките оценки, нивниот највидлив фокус е токму воведувањето електронско гласање за иселениците. Во образложението се наведува дека ДИК ќе треба да обезбеди електронска идентификација, заштита на личните податоци, тајност на гласот, спречување повеќекратно гласање, како и независна техничка и безбедносна проверка на системот.

Предвидено е гласањето да се врши со важечка лична карта или патна исправа, како и проверка преку телефон и електронска адреса, а доколку постојат технички услови – и со електронски потпис. За дијаспората би имало посебен избирачки список и посебен извештај за гласањето.

Сепак, дел од клучните прашања остануваат нерешени и по овие измени. Не се отвораат темите за една изборна единица, отворени листи, како ни прашањето за изборниот праг за независните кандидати – нешто што веќе предизвика сериозни критики во јавноста и од меѓународните набљудувачи.

Повеќе пари за партиите, нови правила за кампањите

Во измените е вметнато и зголемување на лимитите за донации на политичките партии. Така, донациите од физички лица би се зголемиле од 3.000 на 6.000 евра, а од правни лица од 30.000 на 50.000 евра. Дополнително, партиите би можеле вишокот средства од кампањата да го префрлаат на редовните сметки, додека независните кандидати вишокот би морале да го донираат во хуманитарни цели.

Во делот на политичкото рекламирање, се предлага нова распределба на државните средства. Според предложениот модел, најголемите две партии од власта и двете најголеми од опозицијата би добивале по 42 проценти од средствата, другите партии со пратеничка група осум проценти, партиите без пратеничка група пет проценти, а оние без парламентарно присуство до три проценти.

Овој дел веќе наиде на критики. ЛДП оценува дека големите партии и понатаму ќе го добиваат лавовскиот дел од средствата, додека лидерот на Левица, Димитар Апасиев, останува на ставот дека државното финансирање или треба да биде еднакво за сите или воопшто да не постои.

Портали, злоупотреба на државни ресурси и онлајн кампањи

Измените носат и нови ограничувања за онлајн медиумите што би учествувале во платено политичко рекламирање. Право на пријава би имале само портали кои постојат најмалку 18 месеци пред изборите, имаат јавен импресум и „.mk“ домен. Еден сопственик ќе може да пријави само еден портал, наместо повеќе, како што беше пракса досега.

Во делот на злоупотреба на државните ресурси, се предлагаат построги правила: по распишување избори нема да може да се започнуваат нови проекти финансирани со јавни средства, да се исплаќаат дополнителни еднократни надоместоци, субвенции или социјални исплати, ниту да се користат државни објекти и службени комуникациски канали за политички цели.

Дополнително, за првпат подетално се регулира и онлајн кампањата. Изречно се забрануваат говор на омраза, поттикнување насилство, дискриминација, дезинформации, како и организирана употреба на ботови и тролови за политички пресметки.

Опозицијата има силен инструмент за блокада

Изборниот законик е еден од петте закони за кои, според новиот собраниски Деловник, не постои временско ограничување на расправата. Тоа и овозможува на опозицијата да поднесе голем број амандмани и со долги дискусии фактички да го блокира законот.

Токму затоа, и покрај обидите на ВМРО-ДПМНЕ да најде компромис, во овој момент изгледите за брзо усвојување на измените остануваат мали. Ако не се постигне политички договор, Собранието го очекува долга и исцрпувачка битка околу правилата по кои ќе се одвиваат следните изборни циклуси.

Македонски