Стојановски пред дуелот со Австрија: Победата е единствен императив за Македонија во Виена
Македонската машка кошаркарска репрезентација денеска го отвора настапот во вториот круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот. Во рамките на новоформираната група „Ф“, каде што ривал е и селекцијата на Кипар, нашите најдобри кошаркари попладнево гостуваат кај репрезентацијата на Австрија.
Во составот на националниот тим се наоѓа и новото засилување на МЗТ Скопје Аеродром, бекот Лука Стојановски. По одработениот официјален тренинг во „Спорт Арената“ во Виена, тој испрати јасна и оптимистичка порака за амбициите на тимот.
„Очекувањата се кристално јасни – одиме на победа. На секој натпревар што го играме во овој период влегуваме со победнички менталитет. Се подготвуваме темелно, анализираме видеоматеријали и ја поставуваме тактиката. Во овој момент имаме навистина добра и комплетна екипа, па затоа победата е единствениот императив што стои пред нас“, изјави Стојановски.
Македонскиот репрезентативец направи и кратка тактичка анализа на играта на австриската селекција.
„Австрија е пред сè изразена шутерска екипа. Физички не се предоминантни под кошевите, но негуваат многу брза кошарка во транзиција и поседуваат исклучителен шутерски потенцијал од дистанца на кој ќе мора максимално да одговориме во одбраната“, нагласи македонскиот бек.
Пресметката меѓу Австрија и Македонија, која претставува важен чекор за нашиот национален тим кон фаќање победнички залет во квалификацискиот циклус, започнува денеска точно во 16:05 часот во Виена.