БЕЗБЕДЕН ГРАД ГИ „ЛОВИ“ НЕСОВЕСНИТЕ ВОЗАЧИ: 120.000 прекршоци за пет месеци, бројот на загинати во сообраќај опадна за 40%

5

Системот за автоматска контрола на сообраќајот „Безбеден град“ дава видливи резултати во подобрувањето на патната безбедност. За само пет месеци, камерите регистрирале вртоглави 120.000 сообраќајни прекршоци, додека бројот на жртви на патиштата е значително намален, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во рамките на отчетот за работата на Министерството за внатрешни работи, Тошковски откри дека дури 95 проценти од сите евидентирани прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење. Системот, кој официјално почна да ги регистрира прекршителите на 1 февруари 2026 година, се покажа како ефикасен механизам за дисциплинирање на возачите.

Драстично намалување на смртноста на патиштата

Статистичките податоци покажуваат дека строгата контрола директно влијае на спасувањето човечки животи. Министерот истакна дека вкупниот број на сообраќајни несреќи е намален за речиси 40 проценти во споредба со истиот период минатата година.

„Оваа година во сообраќајни несреќи загинале 34 лица, што е значително помалку во споредба со минатата година кога во истиот период имаше 55 жртви. Ова е јасен показател дека автоматската контрола функционира и ја зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, потенцираше Тошковски.

Проширување на системот на територија на цела држава

Моментално, камерите се активни во Скопје, Куманово и Тетово, како и на најфреквентните автопатски делни по должина на Коридорите 8 и 10. Тошковски најави дека проектот нема да застане тука – до крајот на тековната година се планира „Безбеден град“ да ја покрие целата територија на државата, вклучувајќи ги сите поголеми градови и клучни регионални патни правци.

Рекордно ниско ниво на криминал

Покрај безбедноста во сообраќајот, првиот човек на МВР се осврна и на општата безбедносна состојба во земјата. Според него, стапката на криминал во моментов е на најниско ниво во последните две децении. Тошковски ја припиша оваа состојба на зголемената ефикасност на полицијата и успешните акции за сузбивање на организирани криминални групи.

Македонски