ЦРКОВНО-ПОЛИТИЧКИ МАНЕВРИ ВО СОФИЈА: БПЦ се прогласи за ненадлежна за санкциите против рускиот патријарх Кирил
По денешната консултативна средба меѓу бугарскиот премиер Румен Радев и Светиот синод на Бугарската православна црква (БПЦ), црковниот врв одлучи да не зазема официјален став во врска со најавените санкции на ЕУ против рускиот патријарх Кирил. Со кусата порака дека прашањето „не е во нивна надлежност“, БПЦ направи вешт дипломатски маневар со цел да ги заштити сопствените интереси на меѓународен план.
Средбата во зградата на Синодот доаѓа во време на зголемен притисок врз официјална Софија околу пакетот санкции на Европската Унија кон Москва, кои го опфаќаат и поглаварот на Руската православна црква. Одлуката на БПЦ да остане настрана од ова политичко прашање може да се толкува како обид за дистанцирање од владата на Радев, но и како внимателно калкулиран чекор во односите со другите православни центри.
Радев со пораки за духовно единство, без конкретни одговори
Премиерот Радев, кој во јавноста е познат по своите поумерени ставови кон Москва, по средбата се огласи на социјалните мрежи, избегнувајќи да го спомене патријархот Кирил. Наместо тоа, тој се фокусираше на историската улога на црквата како столб на бугарската државност.
„Зачувувањето на единството на БПЦ е приоритет, бидејќи тоа го олицетворува духовното единство на нашиот народ. Државата и црквата споделуваат заедничка мисија во свет разорен од морална криза“, напиша Радев на Фејсбук, нагласувајќи ја соработката за зачувување на врските со бугарската дијаспора.
Дипломатски игри: Страв од Вселенската патријаршија и случајот со МПЦ-ОА
Аналитичарите во Софија сметаат дека „неопределениот“ став на Синодот всушност крие подлабоки мотиви. Иако Радев и бугарскиот патријарх неформално делат слични погледи за заштита на руските интереси, БПЦ стравува дека отворената поддршка за Кирил би ги нарушила нивните односи со Вселенската патријаршија.
Јавна тајна во црковните кругови е дека Бугарската црква во моментов гради добри односи со Цариград со една примарна цел – да спречи издавање на Томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) под името Охридска Архиепископија. Со воздржувањето од коментар за санкциите против рускиот патријарх, БПЦ се обидува да балансира меѓу Москва и Истанбул, без да ги загрози сопствените територијални и историски претензии кон македонското црковно прашање.
Останува нејасно дали ваквиот „неутрален“ став на црквата му дава одврзани раце на Радев да го искористи ветото во Брисел, или пак го остава премиерот без очекуваниот црковен легитимитет за блокада на европските одлуки.