Љубчо Георгиевски со честитка за роденденот на ВМРО-ДПМНЕ: Партијата ја основав за независност, денес Македонија е вазал на „српскиот свет“

152

Првиот претседател и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, упати честитка по повод 36-годишнината од формирањето на партијата. Во својата објава на социјалните мрежи, Георгиевски повлече паралела меѓу првичните идеали од 1990 година и денешната идеолошка насока на партијата предводена од Христијан Мицкоски.

Георгиевски потсети дека при самото формирање, неговата клучна визија била целосно одвојување на Македонија од тогашните југословенски влијанија.

„На денешен ден 1990 година, со група истомисленици го основав ВМРО-ДПМНЕ. За основна цел ја поставив самостојна Македонија надвор од великосрпските канџи“, напиша Георгиевски.

Сепак, неговиот осврт на актуелната состојба е исполнет со остри критики кон сегашното раководство, обвинувајќи го за предавство на автентичните десничарски позиции.

„Денес ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Македонија во вазал на „српскиот свет“ и изврши комплетна србизација на македонскиот идентитет“, тврди поранешниот премиер.

Ваквите изјави на Георгиевски доаѓаат во период на засилени политички дебати за стратешките правци на државата и редефинирањето на историскиот наратив, прашања кои често предизвикуваат сериозни поделби меѓу поранешните и сегашните партиски функционери на десницата.

Македонски