ОСУМ ГОДИНИ ОД ДОГОВОРОТ ВО ПРЕСПА: Името се смени, НАТО се оствари, но европскиот пат остана неизвесен

9

Во малото рибарско село Нивици (Псарадес) на грчкиот брег на Преспанското Езеро, пред точно осум години, на 17 јуни 2018 година, беше испишана историја. Со потпишувањето на Договорот од Преспа се стави крај на тридеценискиот спор меѓу Скопје и Атина. Република Македонија го промени своето име во Република Северна Македонија, Грција го призна македонскиот јазик и идентитет, а земјава го отклучи патот кон полноправно членство во НАТО.

Овој историски документ, кој беше резултат на интензивни преговори предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, беше формално потпишан од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на меѓународниот медијатор Метју Нимиц и високи претставници на ЕУ.

Од референдум до промена на Уставот

Три месеци по потпишувањето, македонските граѓани излегоа на референдум. Иако над 91 отсто од излезените гласачи се изјаснија „за“ договорот и евроатлантските интеграции, референдумот не го исполни законскиот цензус за излезност од 50 отсто. Сепак, политичкиот процес продолжи во Собранието, каде со двотретинско мнозинство беа изгласани уставните измени, по што Договорот официјално стапи на сила на 12 февруари 2019 година.

Македонија набргу стана 30-та земја членка на НАТО. Но, очекуваното брзо отворање на вратите кон Европската Унија не се случи. Иако грчкото вето беше тргнато, земјава набрзо се соочи со нови блокади од соседна Бугарија, оставајќи го европскиот сон и понатаму во чекалната.

Што исполни Скопје, а што доцни во Атина?

Република Северна Македонија речиси веднаш ги имплементираше своите клучни обврски: беа променети Уставот, таблите на државните институции, патните исправи и регистарските таблички. Билатералните политички односи значително се стоплија, што резултираше со прва официјална посета на македонски претседател на Атина (Стево Пендаровски во 2021 година) и посета на грчкиот премиер во Скопје во 2019 година.

Меѓутоа, од грчка страна постојат видливи доцнења. Владата на премиерот Кирјакос Мицотакис (Нова демократија), која како опозиција жестоко се противеше на Договорот, денес го почитува како меѓународна обврска, но неговата целосна имплементација на терен оди бавно. Трите клучни меморандуми за соработка, кои беа доставени во грчкиот Парламент уште во 2020 година, сè уште чекаат на ратификација.

Дополнително, предвидениот Совет за соработка на високо ниво меѓу двете влади, кој требаше да се состанува еднаш годишно, е одржан само еднаш – во 2019 година во Скопје.

Денес, шест години подоцна, двете земји имаат нови политички раководства. Актуелните премиери Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис сè уште немаат остварено официјална билатерална средба. И покрај сите предизвици и неисполнети ветувања, односите меѓу Скопје и Атина остануваат стабилни, со засилена соработка во економијата и енергетиката, додека Договорот од Преспа останува една од најголемите пресвртници во поновата балканска историја.

Македонски