Најавите за продажба на јавно земјиште во Тетово предизвикаа револт кај граѓаните и опозицијата

6

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, отвори нова политичка битка во градот откако не ја исклучи можноста Општината да продава јавно градежно земјиште како извор за финансирање на локални проекти. Додека Касами ова го претставува како прагматично решение, опозицијата предводена од ДУИ и граѓанскиот сектор алармираат дека се подготвува отуѓување на јавниот простор во корист на приватни бизнис-интереси.

Во центарот на контроверзата е одлуката на мнозинството во Општинскиот совет (ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ), донесена на 18 мај, со која беа изгласани дополнувања на Програмата за управување со градежното земјиште. Според овие измени, потенцијално предвидени за продажба се низа атрактивни парцели: кај ЕВН, паркингот кај Веро, земјиште кај Спортскиот центар, парцела зад клиниката „Уан Хоспитал“, како и локации во Сараќино и Мала Речица.

Касами: Не исклучувам продажба, но сè ќе биде според закон

Запрашан директно дали ќе ги продаде овие парцели, Касами не даде дециден одговор, но меѓу редови потврди дека Општината сериозно ја разгледува оваа опција за финансирање на крупни проекти, како што се градскиот стадион и новите спортски терени.

„За нас приоритет е реализацијата на проектите. Ги анализираме сите извори на финансирање, а еден од нив е токму продажбата на градежно земјиште. Неосновани се критиките дека имотот ќе се продава по симболични цени. Сите постапки ќе се водат строго според законот за јавни набавки. Досега таква продажба не се случила и нема да се случи со кршење на законот“, изјави Касами, обвинувајќи ја опозициската ДУИ дека конструира непостоечки скандали.

ДУИ и советниците возвраќаат: Ова е ризик за градот

Од ДУИ жестоко реагираа на изјавите на градоначалникот. Арбреша Незири порача дека јавниот имот не смее да служи како алатка за покривање на лошо планирани проекти.

„Ова не е нешто што го сонувала опозицијата, туку реален ризик. Јавниот простор е имот на граѓаните и треба да се зачува за паркови, градинки и игралишта, а не да се продава на инвеститори блиски до власта. Касами веќе се докажа како трговец со продажбата на ‘Монопол’ и паркингот кај ЈКП. Бараме веднаш да се повлечат од овие планови“, истакна Незири.

Независниот советник од иницијативата „Подобро за Тетово“, Агрон Арифи, посочи дека некои од парцелите можат да имаат многу подобра јавна намена.

„Парцелата зад ‘Уан Хоспитал’ се наоѓа меѓу згради. Ќе предложам нејзината намена да се промени и таму да се изгради парк. Дел од парцелите предвидени за продажба се наменети за катни гаражи – ако Општината нема пари, нека направи јавно-приватно партнерство за да го реши хаосот со паркирањето, наместо да го продава земјиштето“, смета Арифи.

Тој воедно ги нарече лицемерни реакциите на ДУИ за ниските цени на земјиштето, потсетувајќи дека ценовникот бил усвоен од Владата токму во периодот кога ДУИ беше на власт.

Граѓаните се креваат: Петиција против бетонизацијата

Најавите за продажба предизвикаа страв кај жителите од населбата околу „Уан Хоспитал“. Тие веќе поднесоа петиција до Општина Тетово и до сите надлежни државни институции, барајќи итно стопирање на постапката за продажба на спорната парцела каде е предвидена изградба на станбена зграда на шест ката (П+5+ПК).

„Реализацијата на овој проект ќе предизвика сериозни урбани, инфраструктурни и социјални последици за постојните жители. Бараме итно прекинување на продажбата, суспендирање на сите постапки за градежна дозвола и пренамена на парцелата во јавен парк“, стои во петицијата на граѓаните. Жителите предупредуваат дека доколку институциите ги игнорираат, подготвени се на порадикални чекори и протести.

Овој случај е само продолжение на контроверзите околу управувањето со земјиштето во Тетово. Јавноста сè уште го памети скандалот од минатата година кога Општината дозволи продажба на 6.817 квадрати државно земјиште кај поранешниот „Монопол“ за само 70 денари по квадрат. Иако постапката почна во времето на Теута Арифи, сегашниот совет предводен од БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ минатата година ја пренамени зоната од индустриска во станбена, отворајќи го патот за изградба на згради.

Лицемерно е во овој случај ДУИ овојпат како опозиција да „дели памет“ кога и во нивно време се случуваа истите проблеми. Граѓаните се потсетуваат дека после запуштањето на култниот „Спортски“, градски спортски простор кој бесплатно го користеле сите граѓани од сите возрасти, после формирањето на граѓанска иницијатива која бараше зачувување и обнова на истиот тој простор тогашната градска Власт ветила дека ќе го реконструира и ќе го остави спортскиот центар каков што и бил годините наназад, за на крајот општината го даде под концесија и тој простор преку ноќ се претвори во приватен луна парк.

Македонски