Тошковски во Тетово со селектирани медиуми: Избегнати прашањата за меѓуетничките тензии, за МВР состојбата е „стабилна“
Посетата на министерот доаѓа непосредно по серијата пријавени етнички мотивирани напади меѓу младите, но новинарите беа скратени за можноста да постават прашања за безбедноста во градот.
Тетовскиот веб-портал „Тетово Инфо“ упатува реакција на денешната „тајна“ посета на СВР Тетово од страна на министерот Панче Тошковски и ненавременото известување за посетата на која и се предвидувало изјава но за претходно определен број медиуми.
Посетата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, помина под превезот на селективна транспарентност. Иако Министерството за внатрешни работи (МВР) преку електронска пошта ги информираше медиумите за посетата, тоа беше направено со задоцнување, односно откако настанот веќе беше завршен, без претходно да бидат повикани сите новинарски екипи.
Судејќи според официјалните фотографии испратени од МВР, на настанот биле присутни или добиле дозвола за изјава само одредени медиуми, со што на поголемиот дел од новинарите во градот им беше ускратено правото да постават прашања од јавен интерес.
Бегство од незгодните прашања за меѓуетничкото насилство
Оваа посета на министерот Тошковски доаѓа во исклучително чувствителен момент за Тетово, непосредно откако локалниот веб-портал „Тетово инфо“ и други медиуми алармираа за серија етнички мотивирани физички напади меѓу малолетници – членови на навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“.
Поради затворениот формат на посетата, новинарите немаа можност да го прашаат министерот за овие инциденти, за ублажувањето на реалната слика во полициските билтени и за оправданиот страв кај граѓаните и родителите од можна ескалација на насилството.
МВР тврди: Безбедносната состојба е стабилна, сообраќајот во фокус
Наместо за меѓуетничките тензии на тетовските улици, во официјалното соопштение на МВР фокусот беше ставен на сообраќајната безбедност и статистичките податоци.
„При посетата на СВР Тетово беше констатирана стабилна безбедносна состојба, а како особено значајни беа издвоени резултатите во областа на сообраќајната безбедност“, се вели во соопштението на министерството.
Од МВР посочуваат дека Тетово е еден од градовите каде што веќе се применува современиот систем „Безбеден град“. Според презентираните податоци за првите осум месеци од годинава, на подрачјето на СВР Тетово во сообраќајни незгоди животот го загубиле три лица, што е значително намалување во споредба со истиот период минатата година, кога имало девет жртви. Дополнително, евидентирано е и намалување на вкупниот број сообраќајни незгоди.
Иако подобрувањето на сообраќајната безбедност е позитивен чекор, селективниот однос кон медиумите и премолчувањето на уличните инциденти меѓу младите оставаат сериозен сомнеж кај тетовската јавност за искреноста на институциите во справувањето со горливите безбедносни проблеми во градот.