Прославата за независноста „тешка“ 5,5 милиони евра: За Владата е бесплатна, за јавноста – се трошат пари на граѓаните
Портпаролката Митева ги потврди милионските суми по силните реакции во јавноста, но тврди дека профитот од Државна лотарија не е директен трошок за буџетот.
Организацијата на настаните по повод Денот на независноста на државата ја чинеше јавноста вкупно 5.530.000 евра (околу 340 милиони денари). Оваа бројка денеска на прес-конференција ја соопшти владината портпаролка Марија Митева, како одговор на силните реакции и негодувања во јавноста за висината на трошоците за манифестацијата.
Со оваа потврда се разјаснија дилемите и околу финалната сума, но и околу моделот на финансирање. Сепак, останува клучната разлика во толкувањето на терминот „јавни пари“: додека јавноста смета дека средствата на државната компанија „Лотарија“ се пари на граѓаните, Владата тврди дека прославата не ги чинела граѓаните ништо бидејќи не се користени средства директно од државниот буџет.
Како се обезбедени 5,5 милиони евра?
Според официјалните информации од Владата, финансиската конструкција на прославата е поделена на два дела:
- 300 милиони денари (околу 4,87 милиони евра) се обезбедени од нераспределената добивка (дивиденда) на АД „Државна лотарија“ за 2024 година.
- 40 милиони денари (околу 650.000 евра) се обезбедени преку донации од, како што рече Митева, „општествено одговорни компании“ кои јавно стојат зад проектот.
„За реализацијата на настаните за прославата на независноста не се потрошени буџетски средства, трошокот за овие настани не ги чини граѓаните и ова е лесно проверлива информација“, изјави Митева.
Таа појасни дека согласно заклучокот од 167-та владина седница, на „Државна лотарија“ и било укажано да ги издвои овие 300 милиони денари од сопствениот профит за спонзорирање на манифестацијата, по што бил објавен јавен повик за реализација на настаните.
Кој стои зад организацијата: „Авалон“ и „Стардаст“ како еден субјект
Одговарајќи на прашањата за фирмите кои ги добиле парите, портпаролката Митева појасни дека продукцијата „Авалон“, која во јавноста се споменуваше како главен организатор, е носителот на дејноста, додека фирмата „СТАРДАСТ ДООЕЛ“ (која ги добила средствата од Лотарија на име спонзорство) е всушност поврзан правен субјект. Според нејзиното тврдење, станува збор за практично ист организациски субјект.
Споредби со минатото и политички препукувања
Во обид да ја одбрани транспарентноста на сегашната власт, Митева направи паралела со минатите прослави организирани од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Таа посочи дека во минатото, поранешните функционери Артан Груби и Перпарим Бајрами потрошиле 8,2 милиони евра за слични манифестации, кои според неа „отишле во ветер“.
Сепак, владината портпаролка притоа не спомена дека против Груби и Бајрами во моментов се водат судски процеси токму за злоупотреби поврзани со државни средства. За разлика од тогаш, Митева тврди дека сегашната постапка била целосно отворена, отчетна и законски спроведена преку јавен повик објавен уште на 30 април годинава.