Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза, лани во земјава регистрирани нови 115 пациенти

2

Според официјалните евиденции, во нашата земја во моментов живеат околу 2.500 дијагностицирани пациенти со мултипла склероза. Трендот на откривање на нови пациенти има нагорна линија, што се потврдува со регистрираните 115 новодијагностицирани пациенти во текот на 2025 година, истакна ВД директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на мултипла склероза.

Тој информира дека Клиниката е во интензивен процес и напори за набавка на нов апарат за магнетна резонанца  кој драстично ќе го скрати времето за поставување дијагноза и евалуација на болеста, а дополнително, зголемен е и буџетот на Клиниката за набавка на лекови за болеста за 2026 година кој сега изнесува 451 милиони денари.

„Ова зголемување овозможува пристап на поголем број пациенти на третман од 961 пациент во 2025 година, до 1 020 лица на терапија. Што е уште позначајно, во согласност со светските медицински трендови, близу 600 пациенти се на третман со високоефикасна модифицирачка терапија, со што директно се спречуваат релапси и долгорочен инвалидитет“, рече Божиновски.

Од Националното здружение за мултипла склероза посочуваат дека стартува децентрализацијата на третманот на пациентите со МС во три јавни здравствени установи, Градска општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Според директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот, со што ќе се елиминираат исцрпувачките патувања и патните трошоци.

Од здружението промовираа и едукативна брошура за планирање семејство кај МС која треба да ја урне бариерата дека болеста е пречка за бременост, не поради биолошка неможност, туку исклучиво поради неоправдан страв од влошување на состојбата и изразен дефицит на информации.
Почнувајќи од вечерва па сè до крајот на неделата, зградата на Археолошкиот музеј на Македонија во центарот на Скопје ќе биде целосно осветлена во портокалова боја – официјалниот меѓународен симбол за
поддршка на лицата со МС.

Македонски