Шеста жртва од Западен Нил во Македонија: Почина 72-годишен скопјанец, вирусот детектиран кај угинат гавран во Ресен

4

Црната статистика од вирусот „Западен Нил“ во Македонија се искачи на шест смртни случаи, откако на Универзитетската клиника за инфективни болести им подлегна на компликациите 72-годишен жител на скопската општина Аеродром. Пациентот бил хоспитализиран пред 15 дена со тешка клиничка слика и претходни здравствени проблеми.

Епидемијата бележи драматичен пораст со повеќе од десет новозаразени за само една седмица. Досега се регистрирани вкупно 53 случаи, од кои кај 50 лица вирусот е лабораториски потврден, додека за три се чекаат финалните резултати.

Петмина пациенти на интензивна нега

На Инфективната клиника во Скопје во моментов се лекуваат 18 пациенти. Петмина повозрасни лица со тешка клиничка слика се наоѓаат на одделот за интензивна нега, додека најмладиот пациент, 26-годишно лице, е во стабилна и добра здравствена состојба.

Директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана, појасни дека исходот од болеста е во директна корелација со возраста:
„Според светските статистики и медицински упатства, смртноста кај овие пациенти прогресивно расте со напреднатата возраст. Бројот на тешки случаи кај нас не отстапува од процентите што се научно утврдени на глобално ниво“, нагласи д-р Цана.

Локална циркулација на вирусот во Ресен: Позитивен тест кај гавран

Вирусот продолжува да се шири и надвор од главниот град. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утрово потврди присуство на западнонилска треска кај угинат гавран, пронајден во паркот покрај општинската зграда во центарот на Ресен. Во тек е лабораториско тестирање на уште две угинати птици пронајдени на подрачјето на Скопје.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека овој наод е од големо епидемиолошко значење:
„Гавранот е стационарна птица, а не птица преселница. Пронаоѓањето позитивен гавран е директен доказ за локална циркулација на вирусот во тој регион. Веднаш ги известивме Центарот за јавно здравје – Битола и градоначалникот на Ресен за ревизија на плановите и итно спроведување вонредна дезинсекција против комарци по индикација“, изјави министерот.

Апел за селективност при пријавувањето

Министерот Клековски апелираше до граѓаните да не прават непотребни и лажни дојави до АХВ поради ограничените капацитети на службите на терен, туку фокусот да се задржи исклучиво на реални пријави за угинати гаврани, кои служат како главен индикатор за лоцирање нови жаришта.

Здравствените власти издадоа насоки за претпазливост до матичните лекари во ресенскиот регион и апелираат до населението да ги почитува општите препораки за заштита од убоди од комарци.