ЕВРОПА СТАРЕЕ, МАКЕДОНИЈА СЕ ПРАЗНИ: Драстичен пад на населението и работната сила до 2100 година според Евростат
Европскиот континент се соочува со сериозна демографска трансформација. Иако Европската Унија во 2025 година брои 451 милион жители, нацијата рапидно старее, а до крајот на векот се очекува загуба на над 50 милиони луѓе. Негативниот тренд не ја одминува ниту Северна Македонија, која за само три години изгубила речиси 15.000 жители, покажуваат најновите проекции и податоци на Евростат.
Пик во 2029 година, а потоа слободен пад
Според анализата на Европскиот завод за статистика, во 2025 година во ЕУ живеат еден милион луѓе повеќе во споредба со минатата година. Сепак, овој раст е краткорочен. Проекциите велат дека европската популација ќе го достигне својот историски максимум во 2029 година со 453,3 милиони жители, по што ќе започне континуиран пад. До 2100 година, населението во Унијата ќе се намали за 11,7 отсто, паѓајќи на 398,8 милиони жители.
Работоспособното население се топи, бројот на 80-годишници ќе експлодира
Паралелно со падот на бројот на жители, се менува и старосната структура. Медијанската возраст во ЕУ е зголемена од 39,6 години (во 2005) на 44,9 години (во 2025). Во изминатите две децении, процентот на лица над 65 години скокнал од 17 на 22 отсто.
Иднината носи уште поригорозни промени. До 2100 година, работоспособното население (од 20 до 64 години) ќе се намали од сегашните 58% на 50%, додека младите до 19 години ќе паднат на 17%. Спротивно на тоа, уделот на највозрасните граѓани (над 80 години) се очекува драстично да се зголеми, скокајќи од сегашните 6% на дури 16%.
Македонија континуирано губи жители
Податоците на Евростат ја отсликуваат суровата демографска реалност и во Северна Македонија. Статистиката бележи континуиран пад во последните три години. Во 2022 година земјава броела 1.837.114 жители, додека во 2025 година тој број изнесува 1.822.612. Тоа значи дека за само 36 месеци, државата изгубила 14.500 граѓани.
Кој расте, а кој се празни во Европа?
Демографската слика во ЕУ е крајно нерамномерна. Две третини од вкупното население живее во само пет држави: Германија (84 милиони), Франција (69 милиони), Италија (59 милиони), Шпанија (49 милиони) и Полска (36 милиони). Најмалку жители имаат Малта, Луксембург и Кипар.
Ако се анализираат последните 20 години, вкупната популација на ЕУ пораснала за 4%. Деветнаесет земји бележат раст (предводени од Луксембург со 48%, Малта со 43% и Ирска со 32%), додека осум држави се соочуваат со демографски колапс. Најголем релативен пад бележат балтичките и балканските земји: Латвија (-17%), Бугарија (-16%), Литванија (-14%), Романија (-11%) и Хрватска (-10%).
Гледано во апсолутни бројки, најмногу жители во изминатите две децении изгубиле Романија и Полска (по 2 милиони) и Бугарија (1 милион).
Интересен е и податокот за внатрешната миграција – околу 14 милиони луѓе во ЕУ (3% од популацијата) моментално живеат и работат во земја членка различна од онаа во која се родени.