Од денес со „Б“ категорија ќе може да се вози мотор до 125 кубици – еве ги условите
Возачите во Македонија отсега ќе имаат поголема флексибилност при изборот на превозно средство. Со најновите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, лицата кои поседуваат возачка дозвола од Б категорија добиваат право легално да управуваат мотоцикли со зафатнина до 125 кубни сантиметри.
Оваа законска новина, која е веќе практика во многу европски земји, има за цел да го растерети сообраќајниот метеж во урбаните средини, да го намали загадувањето и да поттикне користење на поекономични превозни средства.
Кои се условите за возачите?
Правото за управување со мотоцикли од категоријата А1 (до 125 cm³ и моќност до 11 kW) не се добива автоматски. За да се седнат на мотор, возачите мора да ги исполнат следниве критериуми:
- Да бидат постари од 23 години;
- Да поседуваат возачка дозвола од Б категорија најмалку пет години;
- Да поминат дополнителна теоретска обука во автошкола во траење од четири часа.
По завршување на наставата, автошколата издава потврда која служи како доказ за стекнатото право. Важно е да се напомене дека законските измени се однесуваат на мотоцикли со автоматски менувач (скутери).
Внимание: Не возете без официјална потврда
Иако законското решение е усвоено, во јавноста и на социјалните мрежи веќе се појавија бројни дилеми околу почетокот на примената. Експертите предупредуваат граѓаните да не управуваат со вакви мотоцикли сè додека не ја поминат предвидената обука и не ја добијат потребната потврда.
Автошколите се очекува набрзо да ги прилагодат своите програми за оваа специфична обука. Дотогаш, секој возач со Б категорија кој ќе биде затекнат како управува со мотор од 125 кубици без соодветен документ, и понатаму подлежи на високи парични казни согласно постојниот закон.