ЈАКИМОВСКИ ОБВИНУВА: Градоначалникот Лукровски е на „шопинг-боледување“ додека Карпош го води заменик
Лидерот на ГРОМ и поранешен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска упати сериозни критики до актуелниот градоначалник Сотир Лукровски, обвинувајќи го за злоупотреба на институцијата „боледување“.
Според Јакимовски, додека Лукровски веќе 20 дена официјално е отсутен од работното место поради здравствени причини, тој бил забележан како извршува приватни обврски и пазарува низ трговските центри во општината.
„Градоначалникот Лукровски веќе 20 дена е на боледување и не се појавува на работа, но затоа е виден како пазари во „Сити мол“ и околните маркети. Трговскиот центар е на само 300 метри од неговото работно место во Општината. Очигледно, градоначалникот е премногу болен за да им служи на граѓаните, но не е болен за да оди на шопинг“, изјави Јакимовски на денешната прес-конференција.
Поради долготрајното отсуство, Лукровски претходно ги пренесе своите овластувања на заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој во моментов раководи со локалната самоуправа.
Јакимовски потенцираше дека ваквото однесување е неодговорно кон жителите на Карпош, кои преку буџетот го плаќаат отсуството на првиот човек на општината. Тој јавно побара одговорност и итно расчистување на случајот, прашувајќи дали боледувањето е легално покриено и дали се вршат соодветни контроли од надлежните институции.
Од Општина Карпош засега нема официјален коментар или демант во врска со обвинувањата изнесени од страна на Јакимовски.