ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА КОСОВСКИОТ ВОЗАЧ: Неприспособена брзина е причина за трагедијата на обиколницата
Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) вечерва соопшти дека е покрената истражна постапка против 76-годишниот косовски државјанин кој ја предизвика страотната сообраќајна несреќа на скопската обиколница. Обвинителството достави предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.
Осомничениот се товар за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, кривично дело за кое е предвидена долгогодишна затворска казна.
Губење контрола и пробивање на заштитната ограда
Според наводите на ОЈО, 76-годишниот возач на камионот „МАН“ со полуприколка не ја приспособил брзината на движење кон условите на патот и густината на сообраќајот.
„Во близина на клучката Мирковци, возачот изгубил контрола над возилото, свртел на лево и ја пробил металната одбојна ограда. Продолжил со движење во спротивната коловозна лента, каде директно во него удрил автомобил ‘БМВ’, кој се движел во својата насока. По силниот удар, двете возила се запалиле“, појаснуваат од Обвинителството.
Идентификувана и четвртата жртва
Во трагедијата на лице место починаа сите четворица патници во автомобилот. Покрај познатиот оперски баритон Ристе Велков (51) и неговиот син Адам Велков (20), како и младиот Петар Миланов (20), Министерството за внатрешни работи ја идентификуваше и четвртата жртва. Станува збор за 20-годишниот М.Ѓ. од Скопје.
Телата на починатите, по наредба на јавен обвинител, се дадени на обдукција, а вештачењата на местото на несреќата треба дополнително да ги расветлат сите околности на овој трагичен настан кој ја зави Македонија во црно.