ДУХОВНО ПРАЗНУВАЊЕ ВО БИТУШЕ: Владиката Партениј ќе чиноначалствува со богослужбите во чест на Светите Кирил и Методиј

1

По повод празникот на Светите рамноапостолни сесловенски просветители и учители, браќата Кирил и Методиј, Бигорската свештена обител најави свечени богослужби во бигорскиот скит во селото Битуше, кој е посветен на овие големи светители.

Чествувањата ќе започнат во сабота, на 23 мај, со празнична вечерна богослужба со почеток во 18:00 часот, со која ќе претстои Епископот Антаниски г. Партениј.

Централниот настан ќе се одржи в недела, на 24 мај. Празничната утрена богослужба ќе започне во 07:30 часот, по што во 09:00 часот ќе следува Света архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува владиката Партениј.

„Во храмот, кој се наоѓа во напредна фаза на изградба, и оваа година молитвено ќе се собереме за да испросиме од Бога и од Светите Браќа благослов за поскоро завршување на нивниот нов дом“, соопштија од Бигорскиот манастир.

На Светата литургија ќе учествуваат сите монашки заедници под духовно раководство на владиката Партениј – братството на Бигорскиот манастир, како и сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста. По завршувањето на духовниот дел, во дворот на скитот во Битуше е предвидена и богата културно-уметничка програма.

Празникот на Светите Кирил и Методиј е еден од најзначајните за словенскиот свет, а Бигорското братство традиционално го одбележува со посебна посветеност во овој живописен мијачки регион.

Македонски