Рубин Земон поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ

6

Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, поднесе оставка од својата партиска функција по низата остри реакции во јавноста предизвикани од неговата средба со контроверзни бугарски активисти во Софија, но и поради неговите претходни спорни изјави за ликот и делото на Гоце Делчев.

Земон својата одлука ја соопшти преку социјалните мрежи, наведувајќи дека се повлекува за да ја заштити партијата од, како што вели, „непринципелни напади“.

„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од нападите кон мене, а со цел да не бидам терет на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член на ИО на СДСМ“, напиша Земон, обвинувајќи дека во нападите било инволвирано и неговото семејство.

Спорна средба со Виктор Стојанов

Поводот за последната лавина критики беше фотографијата која ја објави Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“. Стојанов е личност со доживотна забрана за влез во Македонија и се соочува со кривични пријави за ширење говор на омраза кон македонскиот народ. Во својата објава, која подоцна беше избришана, Стојанов тврдеше дека со Земон разговарале за поддршка од ЕУ за уривање на „режимот на Мицкоски“.

Земон, пак, тврди дека средбата во трговскиот центар во Софија била случајна и дека првично не знаел со кого разговара.

„Ми пријдоа луѓе кои ме препознаа и прашаа дали може да седнат на кафе и да се фотографираме. Не знаев дека се од таа фондација. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сè“, образложи Земон, нарекувајќи ги медиумските извештаи за настанот „координиран напад“.

Револт поради изјавите за Гоце Делчев

Оставката на Земон доаѓа и во контекст на неговите претходни изјави кои ја навредија македонската јавност. Тој претходно изјави дека „Гоце Делчев ништо не напишал во животот и не извојувал ниедна битка“, нарекувајќи го неговото значење „мит“. Иако подоцна се извини со тврдење дека бил погрешно разбран, неговиот кредибилитет во партиските редови и кај граѓаните остана сериозно нарушен.

Засега од СДСМ нема официјален коментар за оставката на Земон, ниту дали неговото повлекување ќе повлече натамошни внатрепартиски промени.

Македонски