ПАТУВАЊЕТО СТАНУВА ЛУКСУЗ: Авиокомпаниите нема да ги намалат цените на билетите дури и ако поевтини горивото

12

Иако војната во Иран и енормното поскапување на авионското гориво беа првичниот повод за скок на цените на авиобилетите, патниците не треба да очекуваат нивно намалување во блиска иднина. Рекордниот интерес за патувања и „навиката“ на авиокомпаниите за високи профити ги држат цените на историско највисоко ниво.

Додека цените на горивото речиси се удвоија од почетокот на годината, авиокомпаниите веќе ги прилагодија своите бизнис модели. Извршните директори на водечките светски превозници се децидни: патниците се подготвени да платат повеќе, а пазарот го диктира новиот стандард.

Профитот пред поевтинувањето: „Патниците веќе се навикнаа“

Според челниците на „Јунајтед“ (United) и „Американ ерлајнс“ (American Airlines), побарувачката е толку силна што нема економска логика за намалување на цените. Патниците на „Јунајтед“ во моментов плаќаат во просек за 20% повеќе по прелетана милја во споредба со минатата година.

„Колку подолго потрошувачите ги плаќаат овие цени, толку е поголема веројатноста дека тие ќе останат на сила“, изјави извршниот директор на „Јунајтед“, Скот Кирби.

Роберт Исом од „Американ ерлајнс“ дополнува дека патниците покажале подготвеност да платат дополнително за комфор и погодности, што според него е знак дека авионското патување сè уште се смета за „добра вредност за парите“, без оглед на поскапувањето.

Милијарди долари трошоци за гориво

Горивото е втората најголема ставка во работењето на авиокомпаниите. Четирите најголеми американски превозници минатата година трошеле по 100 милиони долари дневно за гориво, а денес тие суми се мерат во милијарди. Само компанијата „Делта“ (Delta) се соочува со дополнителен трошок од 2 милијарди долари во тековниот квартал.

Сепак, експертите појаснуваат дека цените на билетите не се формираат директно врз основа на оперативните трошоци, туку примарно според:

  1. Побарувачката на одредена рута.

  2. Времето на патување (шпиц периоди наспроти ноќни летови).

  3. Нивото на конкуренција.

Иднината на нискобуџетните компании и ризикот од монопол

Дополнителен притисок врз цените создава и кризата кај нискобуџетните превозници. „Спирит ерлајнс“ (Spirit Airlines), лидерот во ултра-ниските цени, е на работ на банкрот поради високите трошоци. Иако администрацијата на Трамп најавува можна помош за компанијата, аналитичарите предупредуваат дека доколку се изгуби конкуренцијата од евтините билети, големите компании ќе имаат „одврзани раце“ да ги задржат високите цени во недоглед.

Обвинувања за корпоративна алчност

Ваквите најави од авиоиндустријата предизвикаа револт кај политичарите и јавноста. Американскиот пратеник Ричи Торес упати остра критика до „Јунајтед“, обвинувајќи ги дека планираат да ја стават во џеб секоја идна заштеда од гориво, наместо да ја пренесат на граѓаните.

„Обичните граѓани заслужуваат подобро од овој вид на корпоративна алчност“, порача Торес, на што авиокомпаниите досега остануваат без официјален коментар.

Македонски