ТЕШКА СООБРАЌАЈКА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Девет лица повредени во верижен судир на три возила
Девет лица се повредени, од кои еден потешко, во страотна сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа во скопската населба Ѓорче Петров. Во несреќата учествувале три луксузни патнички возила, а силата на ударот, според очевидци, била толку силна што наликувала на експлозија.
Според првичните информации, во верижниот судир учествувале две возила од марката „БМВ“ и еден „Мерцедес“. На местото на настанот е причинета огромна материјална штета, а делови од автомобилите беа расфрлани во радиус од неколку десетици метри.
Најтешко е повреден 19-годишниот Л.Ј. од селото Кондово, кој управувал едно од возилата „БМВ“. Покрај него, со телесни повреди се здобиле уште двајца негови сопатници. Во второто возило „БМВ“ повредени се вкупно шест лица, додека повреди добил и возачот на „Мерцедесот“, 28-годишниот Б.Р. од селото Глумово.
Екипи на Брзата помош веднаш пристигнале на местото на несреќата, по што повредените се транспортирани во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ и во Градската општа болница „8 Септември“. На сите лица им е укажана итна медицинска помош и се наоѓаат под опсервација на лекарите.
Полициски екипи на СВР Скопје извршија детален увид на местото на настанот, а за несреќата е известен и дежурен јавен обвинител. Истрагата треба да ги утврди точните причини за судирот, како и брзината со која се движеле возилата пред кобниот момент.
Сообраќајот во овој дел од населбата Ѓорче Петров синоќа беше во прекин неколку часа додека траеше увидот и чистењето на коловозот од остатоците од возилата.