СПАС ЗА СИМБОЛОТ НА ПЕЛИСТЕР: Со воведување „шумски ред“ започна природна ревитализација на моликовата шума
Националниот парк Пелистер започна со интензивни активности за заштита и подмладување на моликовата шума. По серијата природни непогоди кои го погодија паркот на крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, стручните тимови преку воведување на т.н. „шумски ред“ создаваат услови за раст на нови стебла од овој автохтон вид.
Старите моликови шуми неодамна беа на силен удар на временските неприлики. Снегоизвали, ветроизвали и снеголоми оштетија голем број стебла, а најкритично беше на локалитетот Бегова Чешма. Според раководителите во паркот, токму на овој простор моликата ја има достигнато својата физиолошка зрелост, што ги прави дрвјата помалку отпорни на надворешни влијанија.
„Оштетени беа повеќе стебла, а најпогодена беше старата моликова шума. По извршената инспекција и во координација со домашни експерти, веднаш пристапивме кон воведување на шумски ред. Тоа значеше отстранување на паднатите и скршените стебла за да се ослободи просторот“, објаснува Зоран Пројчевски, раководител во НП Пелистер.
Светлината како клуч за новиот подмладок
Резултатите од овие интервенции се веќе видливи на терен. Со отстранувањето на оштетените дрвја, во шумата продре светлина која е неопходна за развој на моликата.
„Моликата е светлољубив вид. Со расчистувањето на просторот овозможивме продор на сонцето, што веднаш резултираше со нов поник. Состојбата е стабилизирана и веќе имаме нов подмладок“, додава Пројчевски.
Владина работна група за долгорочно решение
Проблемот со стареењето на моликовата шума е комплексен, поради што Владата формираше посебна работна група составена од врвни експерти од областа на животната средина и шумарството.
Директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, нагласува дека во изминатиот период биле евидентирани околу 1.100 паднати стебла, кои биле физиолошки ослабени или заболени.
„Силно веруваме во изнаоѓање на квалитетни решенија. Со помош на науката веќе постигнавме сериозна стабилизација на шумскиот екосистем. Насоките од експертите се спроведуваат на терен и гледаме забрзан раст на младите молики таму каде што има пристап до сончева светлина“, истакнува Тошевски.
Од националниот парк најавуваат дека мерките за долгорочна ревитализација ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се осигура опстанокот на еден од најзначајните природни симболи на Македонија.