Коалицијата ВРЕДИ се трансформира во единствена партија – Касами и Меџити копретседатели

12

Лидерите на владејачката албанска коалиција ВРЕДИ викендов на Косово, на одбележувањето поврзано со Адем Јашари, ќе го формализираат создавањето на единствена политичка партија со модел на двајца копретседатели – Билал Касами од БЕСА и Изет Меџити од Демократското движење. Договорот паднал синоќа, а формализацијата ќе се одвие пред косовскиот премиер Албин Курти, кој беше ментор и при создавањето на коалицијата пред изборите во 2024 година.

Двајца копретседатели, генерален секретар и потпретседатели

Според информации од висок извор од владејачката коалиција за „Фокус”, раководната структура на новата партија ќе изгледа вака:

  • Копретседатели: Билал Касами (БЕСА) и Изет Меџити (Демократско движење)
  • Генерален секретар: Беким Сали (Алтернатива), чија партија ја побарала оваа позиција
  • Потпретседател: Беким Ќоку (сигурна позиција)
  • Втор потпретседател: Сè уште не е потврдено дали позицијата ќе ја заземе пратеникот Илир Демири или неговата колешка Мимоза Муса, кои ја извојуваа внатрепартиската битка со вицепремиерот Арбен Фетаи

Истиот извор не смета дека овој развој ќе има последици врз позицијата на Фетаи во Владата на Христијан Мицкоски.

Нови пратеници и зајакнато мнозинство

Пратеникот Илир Демири, кој замина од крилото на Алијансата под водство на Зијадин Села и последните месеци настапуваше како независен, ќе се приклучи на пратеничката група на ВРЕДИ и наскоро ќе го формализира статусот во рамките на новата структура.

Партиски извори навестуваат и можни трансфери на други пратеници, првенствено од албанскиот политички блок во Собранието, со што дополнително би се зацврстило парламентарното мнозинство.

Програмски и статутарни измени

Неофицијално, во процесот на финализирање на ВРЕДИ како единствена партија ќе се направат измени на програмата под која коалицијата настапуваше како дел од власта, како и статутарни промени на структурата на идниот партиски конгрес. Според информациите, секоја од сегашните чинители на коалицијата ќе учествува со 20 отсто од делегатите на конгресот.

Македонски