Се одбележуваат 154 години од раѓањето на Гоце Делчев

2

Во земјава денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните македонски револуционери и визионери, кој уште пред повеќе од еден век ја согледа борбата за слобода како културен и цивилизациски натпревар меѓу народите.

Централното чествување по повод годишнината ќе се одржи во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што ќе биде положено цвеќе на неговиот саркофаг. На настанот ќе присуствуваат делегација на Владата на Македонија, делегација на Собранието предводена од потпретседателката Весна Бендевска и пратениците Сергеј Попов, Даниела Белимова и Сања Лукаревска, како и претставници на Град Скопје, државни институции, политички партии и граѓански здруженија.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Основното и средното образование го завршил во Солун, а студирал и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО) одиграл клучна улога во создавањето и зацврстувањето на организациската мрежа низ Македонија.

Поради својата посветеност и влијание, Делчев бил нарекуван „апостол на револуцијата“. Како истакнат хуманист, просветител и борец за слободата на македонскиот народ, тој ја обиколил речиси целата земја, организирајќи и обединувајќи ја револуционерната борба. Поради тоа, бил сметан за најголем противник од страна на непријателите на македонското револуционерно дело.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Загинал на 4 мај 1903 година, кога бил убиен од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што и денес му се оддава почит како на еден од темелите на македонската државност и национална свест.

Македонски