Рекордни 2.158 амандмани за Законот за јавни набавки: Сиљановска-Давкова го врати во Собрание, владејачкото мнозинство го брише спорниот член 13
Измените на Законот за јавни набавки повторно се враќаат пред пратениците со дури 2.158 поднесени амандмани, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за негово прогласување, оценувајќи дека спорниот член 13 отвора простор за неограничен број мандати во Државната комисија за жалби.
Сиљановска-Давкова на 4 ноември испратила допис до Собранието во кој детално ги образложила причините за одбивањето на указот. Нејзините забелешки се фокусираат на членот 13, со кој се менува начинот на именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Со досегашното решение, претседателот и членовите на Комисијата се именуваа со мандат од пет години и право на уште еден избор. Новата формулација предвидува петгодишен мандат со можност за повторно именување, без прецизно утврдување колку пати може да се обнови мандатот.
„Ваквата формулација остава простор за неограничен број повторни именувања, што отвора сериозни прашања за владеењето на правото и можноста за концентрација на моќ во одлучувањето за трошење на јавните средства”, предупреди претседателката.
Таа потсети и на проблемите и сомнежите што во минатото ја следеле работата на Комисијата, вклучително и прашањата за нејзината непристрасност, одговорност и законитост.
„Доколку и досегашната можност за два последователни мандати носела ризик од преголемо влијание, тогаш неограничениот број мандати може дополнително да го зголеми тој ризик”, порача Сиљановска-Давкова, додавајќи дека би го поддржала решението со кое членувањето би било ограничено на еден единствен петгодишен мандат.
Владејачкото мнозинство попушта — бришење на членот 13
Како одговор на забелешките, владејачкото мнозинство поднело еден амандман со кој се предлага целосно бришење на спорниот член 13. Најголемиот дел од преостанатите 2.157 амандмани се поднесени од опозициската СДСМ.
Законот е ставен на дневен ред на пленарната седница закажана за утре, каде што пратениците повторно ќе расправаат за законското решение.
Постапка според член 183 од Деловникот
Постапката се спроведува согласно член 183 од Деловникот на Собранието, според кој закон за кој претседателот на државата не го потпишал указот се враќа на повторно разгледување во фаза на трето читање, во рок од 30 дена. Во оваа фаза амандмани може да се поднесуваат само во врска со забелешките на претседателот. Рокот за поднесување амандмани истече на 6 ноември.