Жесток политички судир: СДСМ го обвинува Мицкоски за „машина за бајки“ и трошење милиони, ВМРО-ДПМНЕ одговори со видеото на Дејвид Гета

Опозицијата тврди дека власта го крие падот на животниот стандард и мерка пари од вториот пензиски столб, додека владејачката партија ги отфрла обвинувањата како „ситнодушен напад врз државноста“.

6

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ влегоа во нова жестока меѓупартиска пресметка. Преку две последователни соопштенија, опозицијата упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, оспорувајќи ги неговите изјави за економскиот раст, зголемувањето на пензиите, искоренувањето на криминалот и начинот на финансирање на прославата за Денот на независноста.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ експресно возвратија, оценувајќи дека опозицијата покажува целосен дефицит на политичка зрелост со тоа што директно ја напаѓа прославата на сопствената држава.

СДСМ: Мицкоски ја вклучи „машината за бајки“ за економијата и пензиите

Од Бихаќка тврдат дека премиерот манипулира со јавноста кога тврди дека пензиите се зголемиле „16 пати повеќе“ во споредба со периодот на претходната влада.

„Шеснаесет пати. Не процент, туку пати. Како да зборува за казино, а не за држава. А со оглед на тоа што Државната лотарија веќе му е приватна каса, речникот му е логичен. Оттаму излегоа 5,5 милиони евра за прославата на независноста и концертот на „Дејвид Гета, иако истиот човек претходно ветуваше трошок од нула денари“. Сега провизиите се прекрстени во спонзорства, дивиденди и патриотизам“, соопштија од СДСМ.

Опозицијата ги демантира и владините тези дека Македонија е водечка во туризмот и дека се позиционира како „трета економија во Европа“, потенцирајќи дека граѓаните на терен се соочуваат со најниски плати во регионот и секојдневен раст на цените во маркетите и аптеките.

Дополнително, од СДСМ отворија сомнеж за стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), тврдејќи дека власта преку отворањето на дебатата за вториот пензиски столб сака да посегне по приватните заштеди на граѓаните за да го покрие буџетскиот дефицит.

Обвинувања за монопол над криминалот наместо негово искоренување

Во своето второ соопштение, социјалдемократите се осврнаа на изјавата на премиерот дека „повеќе нема криминални банди, рекет и марихуана бизниси“.

„Кога премиерот вели дека криминалот го нема, тоа не е позитивен биланс, туку легализација на корупцијата. Нема мали банди затоа што има една голема што контролира сè. Власта две години гради мрежа од свои луѓе во тендерите, судството, обвинителството, МВР, АНБ, игрите на среќа и енергетскиот сектор“, обвинуваат од опозицијата, порачувајќи дека по промената на власта ќе следува одговорност пред независни правосудни органи.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е ситнодушен и удира врз државниот празник

На ваквите остри критики реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и неговата партија покажуваат целосна безидејност и фрустрација.

„Тие дури отидоа дотаму што се спротивставија на достоинствената прослава на 35 години независност на државата и на десетиците илјади граѓани кои беа дел од таа прослава. Со нивните небулозни конструкции за криминал, наспроти целосната отчетност и транспарентност на институциите, СДСМ само ја потврдува својата ситнодушност и политички очај“, наведуваат од владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека успехот на манифестацијата го потврдуваат и странските гости, упатувајќи ја опозицијата да ги види реакциите од светот.

„Ако нешто не им е јасно, нека го погледнат видеото на светски познатиот диџеј Дејвид Гета за Македонија – името кое, патем, токму СДСМ го промени“, заклучуваат од владејачката партија.