Од референдумскиот завет во 1991 до трнливиот пат на современата македонска државност
Македонија денеска одбележува значаен јубилеј – 35 години од историскиот референдум на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани плебисцитарно и демократски ја потврдија својата вековна волја за суверена, самостојна и независна држава. Изминатите три и пол децении претставуваат најдинамичната, но и најбурната етапа во поновата македонска историја – исполнета со мирно осамостојување, институционално градење, но и со тешки дипломатски компромиси, безбедносни предизвици и длабоки општествени превирања.
Од илинденските и асномските темели до демократскиот плурализам
Идејата за сопствена држава не започна во 1991 година; таа е природен континуитет на идеалите на Крушевската Република од 1903 година и одлуките на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“ на 2 август 1944 година, каде беа поставени правните и политичките темели на македонската република во рамките на југословенската федерација.
Падот на комунизмот и бранот на демократизација кон крајот на 1980-тите ги донесоа првите повеќепартиски избори во 1990 година и формирањето на првата експертска влада предводена од академик Никола Кљусев. Во услови на неизбежен распад на СФРЈ, македонскиот парламент на 25 јануари 1991 година ја донесе Декларацијата за сувереност, трасирајќи го патот кон референдумското изјаснување.
8 септември 1991 – „Гласам за Македонија“
Под историскиот слоган „Гласам за Македонија“, на 8 септември 1991 година масовно се гласаше на прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.
Одѕивот беше импресивен – од запишаните 1.495.807 гласачи, на гласачките места излегоа 1.132.981 граѓанин (71,85%), од кои дури 95,26 отсто (1.079.308 граѓани) гласаа „ЗА“.
Вечерта, пред илјадници граѓани на плоштадот во Скопје, првиот претседател Киро Глигоров заедно со членовите на тогашната експертска Влада но и човекот кој прв јавно и гласно побара независност, Љубчо Георгиевски, ја изговори историската порака: „Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“. На 17 ноември истата година, Собранието го усвои и првиот Устав на суверената држава.
На кого му одговара денешниот историски инженеринг?
Сведоци сме на оркестриран историски инженеринг кој по секоја цена ровари по историските факти околу потегнувањето и реализацијата на сонот за независна Македонија. Од тоа кој прв „подигнува глас“ па се до процесот на дискусија и гласање за независна и суверена држава.
Се прави грубо нарушување на она што е вистина и се воведува некој нов историски поглед кој ги брише вистинските „борци“ за независност ставајќи ги во преден план оние кои тогаш беа најгласни за зачувување на југословенскиот концепт, оставајќи ја Македонија како последен југословенски бедем.
Во „новата историја“ нема место за Љубчо Георгиевски кој прв бара независност на Македонија, во истата нема место ниту за Петар Гошев кој ги влече најголемите заслуги за „враќањето“ на Киро Глигоров од југословенската „екскурзија“ во Белград.
Три и пол децении подоцна: Завет што обврзува
По 35 години, македонската држава има изградено комплетна институционална архитектура, армија по стандардите на НАТО, дипломатска мрежа и функционална економија. Без оглед на сите предизвици, политички поларизации и историски компромиси, 8 Септември 1991 година останува најсветлиот патоказ за суверената волја на граѓаните и траен завет за градење просперитетна, стабилна и европска иднина.