Голема победа за природата: Целосно отстранети цевките за хидроцентралите од Лешничката Долина на Шар Планина

1

Лешничката Долина, еден од најубавите и еколошки највредните предели во Националниот парк „Шар Планина“, е целосно ослободена од цевководната инфраструктура која беше наменета за изградба на малите хидроелектрани „Пена 84“ и „Пена 85“.

Од Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ соопштија дека операцијата за демонтажа и изнесување на цевките е успешно завршена, со што е исполнето ветувањето за заштита на овој природен бисер.

Отстранета целата инфраструктура – и над и под земја

Она што е од особено значење за екосистемот е фактот што акцијата не заврши само со собирање на цевките кои со години беа расфрлани низ долината. Со механизација беа откопани и оние делови што веќе беа закопани во земјата.

„Денес на трасата нема преостаната цевководна инфраструктура ниту над, ниту под земја. Ова е значаен чекор кон враќање на Лешничката Долина во состојба што е можно поблиска до нејзината природна автентичност, што е резултат на подолг институционален процес и координација со надлежните државни органи“, посочуваат од Националниот парк.

Следи обнова на теренот и правно затворање на проектите

Лешница има исклучително висок степен на заштита, претставува дел од идните подрачја на „Натура 2000“ и е вклучена во европската мрежа на подрачја од особен интерес „Емералд“.

По физичкото отстранување на градежните елементи, од паркот најавуваат дека следната фаза опфаќа ревитализација и обнова на деградираниот простор, како и конечно институционално и правно заклучување на концесиските проекти за хидроцентралите.

Со овој потег се испраќа силна порака за зачувување на заштитените подрачја и приоритетот на животната средина пред комерцијалната експлоатација на водните ресурси на Шара.