Бура во Пехчево: Екоактивистите и опозицијата на нозе – се бара итно стопирање на „тајниот“ план за изградба на дата-центар во Панчарево

6

Планираната изградба на дата-центар во атарот на селото Панчарево предизвика остар револт и тревога кај еколошките здруженија и дел од политичките партии. Во пресрет на денешната седница на Советот на Општина Пехчево, на која е закажано гласање за оваа иницијатива, екоактивистите од „Зелена народна стража“, поддржани од партиите Левица и ДОМ, побараа итно замрзнување на постапката и советниците да гласаат „против“.

Активистите алармираат: Проект зад затворени врати без познат инвеститор

Од граѓанската иницијатива „Зелена народна стража“ посочуваат дека е предвидено дата-центарот да се гради на пет парцели во Панчарево, но целиот процес се одвива под превез на тајност, без елементарно информирање на локалната заедница.

„Се одлучува без познат инвеститор, без податок за вредноста на инвестицијата, без студија за животна средина и без ниту една јавна расправа. Не се знае колку струја и вода ќе троши овој капацитет и како тоа ќе влијае врз природата и населението. Пехчево не е приватен двор на градоначалникот Александар Китански и советот за да претвораат зелена оаза во индустриска пустина“, предупредуваат екоактивистите преку видеообраќање.

Тие потсетуваат дека со неодамнешните експресни измени на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, овие објекти добија статус од „национално значење“, што овозможува забрзана постапка во која јавните анкети и стручните ревизии веќе не се задолжителни.

Жестоки критики од опозицијата и зелените партии

Во осудата на иницијативата се приклучи и опозициската Левица, која директно го прозва градоначалникот Китански од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„За објект кој потенцијално е енормен потрошувач на струја и вода, јавноста не знае речиси ништо. Нема економски анализи, нема податоци за потребната инфраструктура. Се поставува прашањето – кој и зошто толку брза да ја распродаде иднината на пехчевскиот крај?“, реагираат од Левица.

Сличен апел упатија и од партијата ДОМ, порачувајќи дека дигиталната трансформација не смее да биде алиби за газење на еколошките стандарди.

„Недозволиво е за проект со вакво влијание врз ресурсите и природата да се прекршуваат принципите на транспарентност. Дигиталниот развој не смее да биде изговор за игнорирање на јавниот интерес и исклучување на стручната јавност и граѓаните“, нагласуваат од ДОМ.

Екоактивистите ги повикаа граѓаните на будност и масовно споделување на информациите со цел да се изврши притисок врз општинските советници да не дадат зелено светло за спорната иницијатива.