ВРЕДИ отвора сомнежи по првото рочиште: Дали се подготвува тајна спогодба за Артан Груби за да се спаси раководството на ДУИ?
По одржувањето на првото судско рочиште за предметот поврзан со злоупотребите во „Државна лотарија“, владејачката ВРЕДИ излезе со серија сериозни прашања и тврдења за задкулисни договори. Според коалицијата, постојат индиции за обиди судската постапка против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да се затвори преку признавање вина и спогодба со Јавното обвинителство, со цел да се амортизира политичката штета за ДУИ.
Ахмети исплашен од медиумските настапи на Груби?
Од ВРЕДИ тврдат дека на Груби му било сугерирано да прифати поблага казна преку спогодба, што истовремено би значело и дефинитивно згаснување на неговите амбиции за преземање на претседателската функција во ДУИ. Според нивните информации, лидерот на партијата, Али Ахмети, проценил дека јавниот судски процес носи преголем ризик за партискиот рејтинг.
„Груби очекуваше да нема обвинение и планираше медиумски настапи, но остана непријатно изненаден. Продолжувањето на куќниот притвор беше само дополнителен притисок за тој да прифати договор со Обвинителството пред почетокот на судењето. Јавно прашуваме: Кој обвинител му понудил договор на Груби и врз основа на кои законски одредби и пазарења се прави тоа?“, се наведува во соопштението на ВРЕДИ.
Адвокати од „режимот“, бегството на Бајрами и преквалификација на делото
ВРЕДИ фрла сомнеж и врз составот на правните тимови кои ги застапуваат обвинетите, посочувајќи дека најголемиот дел од адвокатите биле главно експонирани во правосудниот систем за време на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Дополнително, ВРЕДИ бара одговори од институциите за следните прашања:
- Зошто сè уште не е обезбедено присуството на поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, кој како главен соработник на Груби е во бегство?
- Дали правната преквалификација на кривичното дело во значително полесна форма претставува директна политичка порака и отстапка кон Али Ахмети?
- Како меѓународниот фактор гледа на улогата и активностите на останатите високи функционери на ДУИ, вклучително и Бујар Османи?
Од коалицијата ВРЕДИ заклучуваат дека процесот за „Државна лотарија“ ќе продолжи да отвора непријатни теми за претходната власт и порачуваат дека за раководството во Мала Речица „тешките денови допрва започнуваат“.