Владата го намали ДДВ-то за горивата од 18 на 10 отсто: Еве колку ќе чинат бензините и дизелот од 15 септември
Со новата антикризна мерка се „спречува“ голем ценовен шок на бензинските пумпи – дизелот наместо да поскапи, ќе поевтини за два денари.
Владата донесе вонредна одлука со која Данокот на додадена вредност (ДДВ) за нафтата и нафтените деривати се намалува од досегашните 18 на 10 проценти. Оваа мерка се воведува со цел да се ублажи наглиот раст на берзанските цени, да се „спречи“ ценовен шок врз стопанството и да се заштити животниот стандард на граѓаните во услови на енергетска криза и ризици од нарушување во глобалното снабдување со енергенси.
Според владините пресметки, со намалувањето на даночната стапка значително ќе се амортизира најавениот бран на поскапувања на бензинските пумпи низ земјата.
Колку ќе изнесуваат новите цени?
Мерката дава најголем ефект кај дизел-горивото, каде наместо очекуваниот драстичен раст, возачите ќе плаќаат пониска цена:
- Дизел гориво: Наместо очекуваното зголемување од околу 5 денари, дизелот благодарение на мерката ќе поевтини за околу 2 денари, што значи дека ценовниот удар е ублажен за вкупно 7 денари. Новата цена на дизелот ќе изнесува околу 99 денари за литар.
- ЕУРОСУПЕР БС-95: Кај овој бензин поскапувањето е сведено на само 3,5 денари, со што новата цена ќе достигне околу 100,5 денари за литар.
- ЕУРОСУПЕР БС-98: Ќе се точи по цена од околу 102,5 денари за литар (исто така со пораст од околу 3,5 денари).
Времетраење на мерката
Повластената даночна стапка од 10 отсто за горивата е од времен карактер. Таа ќе започне да се применува точно на полноќ, односно од 00:01 часот на 15 септември, а ќе биде на сила до 24:00 часот на 28 септември 2026 година.
Од Владата порачуваат дека будно ја следат состојбата на меѓународните енергетски пазари и дека со навремени интервенции ќе продолжат да дејствуваат за зачувување на ликвидноста на домашната економија и куповната моќ на семејствата.