БИТКА ЗА БАЛКАНОТ ВО БРИСЕЛ: Италија и „пријателите“ против предлогот за „второкласно“ членство во ЕУ
Група од седум земји-членки на ЕУ, предводени од Италија, остро се спротивставија на иницијативата на Франција, Германија и земјите од Бенелукс, кои побараа воведување рестриктивни мерки за идните членки од Западен Балкан. Според „Пријателите на Западен Балкан“, секој обид за создавање „второкласно членство“ е опасно и контрапродуктивно.
Дипломатскиот судир настана по објавувањето на документот (нон-пејпер) од страна на Франција, Германија, Холандија, Белгија и Луксембург, со кој се предложи на новите членки привремено да им се забрани гласањето за клучни прашања поврзани со буџетот, безбедноста и надворешната политика.
Стоп за „второкласно“ членство
Италија, заедно со Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Словачка и Словенија, преку заеднички текст порачаа дека Унијата мора да применува унифицирани процедури за сите кандидати.
„Документот отфрла секој пристап што би можел да поттикне перцепција за членство од „втор ред“. Потребни ни се унифицирани преговарачки процедури, без брзи договори, но и без паралелни патеки кои ги деградираат кандидатите“, се вели во текстот на групата „Пријатели на Западен Балкан“.
Земјите кои го поддржуваат Балканот предупредуваат дека наметнувањето нови политички предуслови или дополнителни институционални препреки само ќе ги обесхрабри земјите-кандидати и ќе го ослабне влијанието на ЕУ во нејзиното непосредно соседство.
Заштитни механизми само ако се објективни
Групацијата прифаќа дека одредени заштитни клаузули и механизми за следење по пристапувањето се легитимни, но само доколку се засновани на објективни потреби и се пропорционални. Тие сметаат дека рамката за заштитни мерки треба да се потпира на досегашното искуство од проширувањата, а не на нови, досега невидени ограничувања на правото на глас.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, јасно порача дека рамноправноста меѓу членките по пристапувањето е црвена линија која не смее да се премине.
„Убедени сме во потребата да се даде политички приоритет на повторното обединување на европското семејство со Балканот. Мора да се зачува заедничката рамка прилагодена на секој кандидат, но без воведување нови условувања кои ја нарушуваат еднаквоста“, истакна Тајани.
Октомврискиот самит – клучна дебата за проширувањето
Оваа дипломатска офанзива доаѓа пред октомврискиот Европски совет, каде лидерите на ЕУ ќе расправаат за иднината на проширувањето. Додека процесот за многу земји од Западен Балкан, како Србија и Македонија, се одолговлекува со години, внатрешната поделеност во ЕУ околу тоа „како“ треба да изгледа идното проширување дополнително ја комплицира европската перспектива на регионот.