БИТКА ЗА ТЕТОВСКИТЕ УЛИЦИ: Борците од НОАВМ со остра осуда за предлозите на ДУИ – „Нема да дозволиме рехабилитација на бализмот“

33

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово упатија енергична реакција до јавноста, изразувајќи остар револт против предлогот за преименување на улиците поднесен од опозициската ДУИ. Борците алармираат дека зад новите имиња се крие обид за историски ревизионизам, промоција на сепаратизам и глорификација на личности поврзани со фашистички и антидржавни структури.

Од Сојузот на борците порачуваат дека граѓаните на Тетово повеќе нема да молчат пред обидите за „обезличување на македонскиот историски наратив“. Тие потенцираат дека именувањето на инфраструктурните објекти во унитарна Македонија мора да соодветствува со универзални вредности и заслужни личности кои придонеле за градот и државата, а не да служат за лечење на политички фрустрации и националистички желби.

Удар врз антифашистичкото наследство

Во реакцијата детално се разобличуваат спорните предлози. Борците прашуваат со кое право името на народниот херој Иво Лола Рибар или на тетовскиот партизан Радован Цониќ, кој загина борејќи се против балистичките формации, би се заменило со личности кои немаат никаква допирна точка со Тетово или Македонија.

„Дрзок е обидот протагонисти на Призренската лига, како Абдул Фрашери, или милитанти од Косово и Албанија да добијат улици во срцето на Тетово. Уште поскандалозно е предлагањето на Џафер Сулејмани, фашистичкиот градоначалник од времето на окупацијата, кој е симбол на ѕверствата врз недолжното население“, се наведува во соопштението.

Обвинувања за промовирање сепаратизам и „Голема Албанија“

Сојузот на борците укажува дека предлозите како „Чемерија“ (термин за територии во Грција) или имиња на организации како ЛПК, се директна поткрепа на иредентистичките соништа за т.н. „Голема Албанија“. Посебно брутална навреда за колективната меморија, според нив, е предлогот за име на улица по Мујдин Алиу, припадник на ОВК чие име го носеше бригадата одговорна за злосторствата кај Карпалак и Вејце во 2001 година.

„Ова не е само прашање на имиња, туку обид за легализирање на големоалбанскиот национализам и бализам под превезот на демократијата“, велат од Сојузот.

Апел за достоинство до институциите

Борците упатија директен повик до Владата и советниците во Општина Тетово да покажат интегритет и да ги отфрлат овие, како што ги нарекуваат, срамни предлози. Тие потенцираат дека Македонија има многу истакнати личности од сите етнички заедници кои заслужуваат почит, но тоа не смеат да бидат луѓе кои работеле против државните темели.

„Место за подведување на јавниот интерес под партискиот и етничкиот веќе не смее да има. Историјата ги запишала светлите страници, а обидите за нејзино фалсификување нема да поминат во 2026 година“, заклучуваат од Сојузот на борците од НОАВМ – Тетово.

Македонски