Кос со јасна порака од Скопје: Изборниот законик отклучува милиони од Планот за раст, но за преговори неопходни се уставни измени
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, при денешната посета на Скопје упати двојна порака до македонските власти – пофалби за високата реализација на реформите од Планот за раст, но и јасно потсетување дека отворањето на преговарачките кластери останува условено со промена на Уставот.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кос информираше дека државата исполнила дури 90 отсто од предвидените реформи кои требаше да се реализираат до средината на јули.
Изборниот законик тежи четири милиони евра
Преостанатите 10 отсто од обврските се однесуваат на усвојувањето на новиот Изборен законик. Еврокомесарката апелираше на широк политички консензус, нагласувајќи дека Планот за раст не е „милосрдие“, туку систем базиран исклучиво на испорачани резултати.
„Ако се изгласа Изборниот законик, земјата ќе добие над четири милиони евра. Охрабрени сме што Северна Македонија направи ваков скок на првите позиции во Планот за раст. Тоа покажува дека таму каде што има политичка волја, Владата може да испорача. Вкупниот пакет за земјата изнесува 750 милиони евра, кои ќе бидат достапни откако ќе се спроведат реформите“, појасни Кос.
Мицкоски: Опозицијата прави естрада, ризикуваме да ги изгубиме парите
Премиерот Мицкоски истакна дека Владата е предводник во посветеноста кон реформската агенда и потенцираше дека за државата нема друга опција освен ЕУ. Сепак, тој ја лоцираше вината за неносењето на Изборниот законик кај опозициските партии.
„Овие неколку дена се случува политичка гимнастика. Сè беше договорено додека предлогот не дојде во Парламентот, а потоа СДСМ почна да се однесува исто како Левица, обидувајќи се да направат естрада. Нашиот став е јасен – договорете се вие во опозицијата, дајте ни текст и ние ќе го прифатиме. Би било штета да ги изгубиме овие четири милиони евра“, предупреди Мицкоски.
Тој додаде дека очекува евроинтеграцискиот процес да не биде оптоварен со билатерални прашања кои создаваат неизвесност кај граѓаните.
Уставните измени остануваат главен предуслов
Иако Планот за раст успешно се реализира, Кос беше децидна дека за формално започнување на пристапните преговори и отворање на кластерите, останува обврската од Преговарачката рамка за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
„Уставните измени се неопходен чекор за пристапни преговори и затоа ја охрабрувам Владата да го започне процесот за измени на Уставот. Северна Македонија треба да е меѓу тие кои се движат напред, имате ваше место во ЕУ“, порача еврокомесарката.
Таа ги наброја и конкретните придобивки од евроинтегративниот процес кои веќе се чувствуваат или допрва ќе се реализираат, како што се укинувањето на роамингот, подобрената транспортна инфраструктура, 40.000 студентски размени преку програмата „Еразмус“, пристапот до фондовите за здравство и поддршката за сајбер-безбедност.