Историски успех во Хаг: Моника Зајкова избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

1

Либерално-демократската партија (ЛДП) информира за значаен меѓународен успех на македонската парламентарна дипломатија. Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, е избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на 33-тата годишна сесија на ова тело што се одржува во Хаг, Холандија.

Победа во силна меѓународна конкуренција

Кандидатурата на Зајкова доби силна поддршка од парламентарните делегации на 57 земји-членки од Европа, Северна Америка и Централна Азија. Успехот е дотолку поголем бидејќи е извојуван преку директна конкуренција и тајно гласање, при што македонската претставничка освои повеќе гласови од претставниците на моќните демократии како Франција, Полска и Словенија.

Од ЛДП посочуваат дека овој триумф е крунски доказ за меѓународниот углед на Зајкова, но и за капацитетот на македонската делегација кога настапува сплотено на меѓународната сцена.

Зајкова: Признание за сите македонски граѓани

Во својата прва изјава по изборот, Зајкова истакна дека оваа функција е признание за целата држава.

„Ова е успех за секој наш човек. Со големата победа во Хаг докажуваме дека можеме рамноправно да се носиме на отворени избори со најмоќните демократии во светот. Мораме конечно да почнеме цврсто да веруваме во сопствениот капацитет и во она што Македонија му го нуди на светот. Благодарна сум за покажаното единство на македонската делегација и за довербата од колегите од ОБСЕ, со кои заедно ќе работиме на зајакнување на демократијата и брзо решавање на конфликтите“, изјави Зајкова.

Директен глас во глобалните безбедносни политики

Потпретседателите на ПС на ОБСЕ се избираат со мандат од три години и го сочинуваат највисокото раководство на организацијата која обединува над 300 пратеници. Со оваа позиција, Македонија добива директно влијание и видливост во креирањето на глобалните безбедносни и соработка политики.

ЛДП преку овој избор ја потврдува својата посветеност на ефикасната парламентарна дипломатија која носи реален престиж и достоинство за државата на светската политичка сцена.

Македонски