ИЗБОРНИ ИГРИ: Мицкоски навести подготвеност за предвремени избори, СДСМ обвинува за промена на реториката
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја отвори вратата за можноста од предвремени парламентарни избори, изјавувајќи дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за нов изборен мегдан доколку опозицијата инсистира на тоа. Иако премиерот потенцираше дека неговата прва опција останува редовниот термин во 2028 година, тој нагласи дека партијата веќе влегува во фаза на целосна подготвеност.
„Политички умно е кога ќе влезете во втората половина од мандатот да бидете подготвени за секакви сценарија. Како Влада претпочитаме редовни избори во 2028 година, но како политичка партија сме секогаш подготвени, доколку опозицијата го бара тоа, да излеземе на терен и повторно да победиме“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Реконструкцијата на Владата почнува од следната недела
Паралелно со изборните шпекулации, премиерот најави дека од следната недела започнуваат официјалните разговори со коалициските партнери за најавената владина реконструкција. Првата фаза од преговорите ќе биде фокусирана на усогласување на визиите за преостанатиот дел од мандатот, по што ќе следуваат и кадровските решенија.
СДСМ: Мицкоски ја менува приказната како му одговара
На ваквите најави веднаш реагираше опозициската СДСМ, од каде упатија остри критики за, како што велат, недоследноста на премиерот. Според социјалдемократите, Мицкоски свесно ја менува реториката во зависност од тоа дали има финансиски средства за трошење.
„Постојат двајца Христијан Мицкоски. Едниот ветуваше враќање на името и поништување на договорите, а другиот ги прогласи за ремек-дела. Истото се случува и со изборите. Додека имаше пари и можност за нови задолжувања, тврдеше дека избори нема да има. Сега, кога касата се празни и не може да ја задолжува државата колку што сака, одеднаш изборите станаа ‘многу скоро’“, се вели во соопштението на СДСМ.
Опозицијата смета дека најавата за избори е обид за дефокусирање од економските проблеми и неуспехот во спроведувањето на клучните реформи ветени пред граѓаните.