ЈАКИМОВСКИ БАРА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЗАТВОРОТ: Поранешниот градоначалник доби упатен акт за влез во „Шутка“ на 2 јули

12

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, ќе поднесе барање за одложување на издржувањето на затворската казна. Ова следува откако Основниот кривичен суд Скопје му достави упатен акт, според кој тој треба доброволно да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на 2 јули.

Информацијата ја потврдија самиот Јакимовски и неговиот правен застапник, адвокатот Виктор Цветковски, кој појасни дека како основ за одлагање ќе бидат наведени здравствени причини.

„Постои законска можност за ваков чекор, а во конкретниот случај има и оправдани здравствени причини. Сигурно е дека ќе го искористиме ова право предвидено со Законот за извршување на санкциите“, изјави Цветковски за медиумите.

Законски основи за одлагање

Според законската регулатива, барањето за одложување мора да се поднесе во рок од три дена по приемот на упатниот акт. Судот може да ја прифати жалбата доколку осудениот се наоѓа на болничко лекување, доколку има смртен случај или тешка болест во потесното семејство, или пак поради неодложни работни и образовни обврски.

Доколку одложувањето биде одобрено по основ на болест, тоа ќе трае додека трае лекувањето, при што Јакимовски ќе има обврска на секои 30 дена да доставува нови медицински докази за неговата состојба до надлежниот судија за извршување санкции.

Правосилна пресуда и жалба до Врховен

Јакимовски беше правосилно осуден на една година затвор со одлука на Апелациониот суд, во предметот поврзан со легализација и изградба на времени објекти кај општинската зграда. Иако пресудата е едногодишна, тој зад решетки би требало да помине седум месеци, бидејќи во казната му се засметуваат петте месеци поминати во притвор за време на истрагата.

Паралелно со напорите да го одложи влезот во затвор, лидерот на ГРОМ најави дека ќе ги искористи сите вонредни правни лекови. Неговата одбрана веќе подготвува жалба до Врховниот суд со цел целосно оспорување на правосилната пресуда.

Македонски