КРАЈ ЗА СКАПИТЕ КИРИИ: Повеќе државни институции се селат во зградата на „Стара Комерцијална“, рокот е 20 јуни
Реконструкцијата на објектот на поранешната Комерцијална банка во центарот на Скопје влегува во финална фаза. Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во интервју за „4ТВ“ најави дека објектот ќе биде целосно подготвен за вселување до 20 јуни, со што ќе се стави крај на огромните трошоци за закупнини што државата моментално ги плаќа за голем број институции.
Завршени две третини од објектот, пробиен рок – следат пенали за доцнење
Според Томовски, два од трите дела на зградата – сегментите „Нов дел“ и „Бисер“ – се веќе комплетно реновирани. Во моментов фокусот е ставен на т.н. „Стар дел“, каде се финализираат машинските и електро-инсталациите, подовите и столаријата.
„Секојдневно сме на терен со проектантите и изведувачите. Последниот рок за предавање на објектот е 20 јуни. Разговарав со изведувачот и со надзорот, и двајцата тврдат дека рокот е остварлив. Доколку се пробие, ќе почнеме со наплата на пенали или активирање на банкарската гаранција“, дециден е директорот на СОЗР.
Кои институции се селат?
Владата на следната седница планира да направи прераспределба на просторот за да се обезбеди рационално користење. Во новиот објект ќе бидат сместени институции кои во моментов плаќаат закупнини на приватни сопственици, со што ќе се остварат значителни буџетски заштеди.
Меѓу институциите што ќе добијат нови канцеларии се:
- Медиумската информативна агенција (МИА);
- Министерството за европски прашања;
- Инспекторатот за животна средина;
- Државната лотарија;
- Второстепената комисија по жалби од работен однос;
- Националната агенција и Агенцијата за иселеништво.
Европски стандарди и рационализација
Новиот модел на сместување предвидува крај на практиката во која еден вработен користи преголем канцелариски простор. Томовски објасни дека се водиме по европската формула од 4 до 6 квадратни метри по вработен.
„Правиме фузирање и рационализација. Целта е да немаме ситуација каде еден вработен седи сам во канцеларија од 50 квадрати, додека други институции плаќаат кирии. Со овој пристап обезбедуваме достоинствени и современи услови за работа според сите меѓународни стандарди“, заклучи Томовски.